Во денешни услови на светски превирања уште повеќе се нагласува потребата од интеграција на Западен Балкан во Европа каде што тој природно и припаѓа, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната сесија „65 години по Договорот од Рим: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана?“ во рамките на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
„Загубено е драгоцено време, особено кога станува збор за евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Обично, дискусиите на Балканот најчесто се водат за минатото и историјата. Постојат политичари кои уживаат да зборуваат за теми од минато и историја, особено од соседството, а тоа се најлесни теми за зборување бидејќи кога на граѓаните им зборувате за историја тогаш всушност ништо и не им ветувате. Најтешко е да им зборувате за економија, бидејќи тогаш се ветува и тогаш граѓаните имаат очекувања за подобар животен стандард“, рече Ковачевски.
Премиерот, зборувајќи за сегашноста и плановите за иднината, кажа дека усогласувањето на националното законодавство со законодавството на Унијата и имплементацијата на стандардите на структурните реформи, регионалната иницијатива Отворен Балкан и нејзините економски користи и интеграцијата на регионот во Европската Унија се од исклучително значење и определби за политичка и економска стабилност на државата.
„Преговори се уште не сме почнале и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Но еве не денес се уште на тој пат, бидејќи членството во Европската Унија за нас нема алтернатива. За нас Европската Унија и интеграцијата во истата е прашање на прифатливи највисоки западнодемократски вредности и посветеност за исполнување на европски стандарди на работењето на сите сфери на општеството и во сите институции“, кажа Ковачевски.
За креирање на економските политики премиерот најави дека се подготвува програма за економски реформи како стратешки документ во економскиот дијалог со ЕУ.
„Нашата определба за членство во ЕУ е јасна уште од независностата на државата. Ние сме земја кандидат за членство уште од 2005, а пред 20 години е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), која предвидуваше да се постигне асоцијација за десет години. Иако оваа временска перспектива не се постигна, ССА и денес претставува единствената правна рамка која ги одредува односите меѓу двете страни, и која придонесува за економската и политчка стабилност на земјата за консолидацијата на демократијата и владеењето на правото, рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека ЕУ поради една блокада не ги исполнува ветувањата иако има широка поддршка од земјите-членки и најави дека земјата продолжува по патот на евроинтеграциите.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во видеопораката на Форумот во Охрид кажа дека инвестицискиот план за Западен Балкан ќе мобилизира над 30 милјарди евра следните седум години. Со забрзувањето на енономско-инвестицискиот план, како што рече тој, ќе се намали зависноста од Руските фосилни горива.
„Го вклучивме Западниот Балкан за олеснување со кризите за гас и храна. Ќе ја намалиме зависноста од Руските фосилни горива на пример со учество на Европската енергетска платформа со заедничка набавка на течен нафтен гас и водород. Западниот Балкан го вклучивме и во подготвеноста за кризата со храна за да ја координираме достапноста со храна“, кажа Вархеји.
С. ВРЕНЦОВСКА