ЗАКОНИТЕ ПОВРЗАНИ СО АВТОПАТИШТАТА ЌЕ СЕ НОСАТ СО ЕВРОПСКО ЗНАМЕНЦЕ, КАЖА ГРУБИ

    ЗАКОНИТЕ ПОВРЗАНИ СО АВТОПАТИШТАТА ЌЕ СЕ НОСАТ СО ЕВРОПСКО ЗНАМЕНЦЕ, КАЖА ГРУБИГруби кажа дека поради оваа одлука е донесена поради очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата. (Фото: СДК.МК)

    Законите за четирите автопатишта од коридорите 8 и 10д ќе се носат со европско знаменце. Вицепремиерот Артан Груби кажа дека поради очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза и поевтина изградба на автопатиштата, Владата усвоила 5 предлог-закони кои ќе се достават до пратениците.

    „Со оглед на фактот дека Европската унија го додаде на мапата на европските коридори и коридорот 8 како и неговото геостратешко значење заедно со коридорот 10 и кракот 10д, со оглед дека за овие закони веќе подолго време се води дебата во Собранието, Владата и медиумите, предложивме да се носат со европско знаме. Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти заради политичка агенда. Од пратениците зависи дали ќе се гради побрзо и поевтино или поспоро и поскапо“, кажа Груби.

    Со европско знаменце ќе се носат измените на Законот за работни односи. Законот за урбанистичко планирање, Закон за градба, Закон за експропријација и Законот за прогласување на јавен интерес за изградба на Коридорите 8 и 10д.

    За Делегацијата на Европската Унија во земјава, означувањето на законите поврзани со Коридорите 8 и 10д со европско знаменце не е во согласност со стандардите на Унијата. Оттаму во изјава за МИА велат дека ќе побараат дополнителни појаснувања од власта откако денеска вицепремиерот Артан Груби на прес-конференција кажа дека се донесени пет нови закони за коридорите кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаменце.

    „Означувањето на закони со знаменце на ЕУ е насочено да помогне за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и затоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, се чини дека нацрт-законот не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања“, велат од Делегацијата на ЕК на прашање на МИА да дадат став за најавата дека законите за Коридорите 8 и 10д ќе бидат доставени во Собранието со европско знаме.

    Од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје потсетуваат дека употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ.

    „Како што рековме во последователните извештаи на Комисијата за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ. Не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом“, велат од Делегацијата на ЕК.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира