ЗАКОНОТ ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ ШТО ГО ПРЕДЛОЖИ ВМРО-ДПМНЕ Е НЕЦЕЛОСЕН, РЕАГИРА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА

    ЗАКОНОТ ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ ШТО ГО ПРЕДЛОЖИ ВМРО-ДПМНЕ Е НЕЦЕЛОСЕН, РЕАГИРА ЛЕКАРСКАТА КОМОРАПретседателката на Лекарската комора Калина Гривчева Старделова и нејзиниот заменик Илбер Бесими (Фото: СДК.МК)

    Законот за докторска дејност, што минатата недела во Собранието го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според Лекарската комора на Македонија е нецелосен и недоработен.
    Во реакцијата на Комората, објавена на фејсбук страницата на Министерството за здравство, се вели дека вака предложеното законско решение треба да се доработи, за да биде функционално за целата докторска фела.

    Според надлежните во Лекарската комора спорно е и тврдењето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека предложениот Закон за докторска дејност е изготвен во соработка со лекарската комора.
    „Предлог законот за докторска дејност, скоро идентичен со овој чиј подносител е пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ е изготвуван две години во Лекарската Комора од посебно делегирана комисија. И покрај укажувањата дека е потребна доработка, законот е усвоен на последното собрание на предходниот состав на Комората, одржан на 23.02. 2017 година. Тој предлог закон е испратен во Министерство за здравство на Република Македонија во средината на март 2017 година“, велат од Комората.

    Овој предлог закон, како што објаснуваат од Лекарската комора, на последното собрание на претходниот состав на Комората бил усвоен со 34 гласа за од вкупно 69 делегати, и усвоен е во преиод кога на претходното раководство цела година му бил истечен мандатот.
    „Би сакале да потенцираме дека Лекарската Комора на Македонија, со идејата за подготовката на овој закон имаше единствена цел; да се подобрат условите и работата на докторите. Лекарската комора нема да дозволи нејзиното експертско знаење и стручност, како и обезбедување на подобри услови за работа на докторите, да биде цел на злоупотреба за дневнополитички и партиски цели“, велат од Лекарската комора.

    Марија Андонова од ВМРО-ДПМНЕ завчера рече дека Предлог законот во Собранието е поднесен пред една недела и дека очекува пратениците да го усвојат.
    „Предлог законот е работен темелно изминатиов период како од сегашните така и од претходните пратеници доктори од минатиот состав, со што законот беше предвиден да се донесе на крајот од минатиот мандат, но поради политичката состојба никогаш не дојде на дневен ред. Овој закон за докторска дејност предвидува плата на доктори специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари нето, додека пак општите доктори со законот е предвидено да земаат две и пол просечни плати односно 56.000 денари нето плата’, рече Андонова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира