ЗАКОНОТ ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ ЌЕ СЕ ЗАМЕНИ СО ДВА НОВИ

    ЗАКОНОТ ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ ЌЕ СЕ ЗАМЕНИ СО ДВА НОВИСоветот за пазар за капитал ќе се состанува најмалку еднаш во три месеци, а по потреба и почесто. - Драган Тевдовски, министер за финансии и Димитар Богов, гувернер на НБРМ

    Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони, односно со закон за финансиски инструменти и закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Министерот за финансии Драган Тевдовски, кажа дека тоа ќе биде една од најголемите реформи на пазарот на капитал, која ќе ја спроведат за да ги усогласат нашите закони со европските.

    „Со новите закони ќе се воспостави јасна и сеопфатна рамка на македонскиот пазар на капитал, што пак ќе придонесе за неговиот развој и усогласеност со законодавството на ЕУ. Со новата законска регулатива ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот“, рече Тевдовски.

    Тој кажа дека сега не може да открива детали за тоа што ќе содржат новите закони, бидејќи допрва треба да се работат, а за предлозите на Министерството за финансии првично треба да се произнесе Советот за развој на пазарот на капитал, кој денес ја одржа првата седница.

    На седницата покрај Тевдовски учествуваа и гувернерот на Народната банка на РМ Димитар Богов, министерката труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на Македонска берза, Комисија за хартии од вредност, Централен депозитар и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), претседателот на Советот на експерти на АСО, претседателите на групациите за банкарство и хартии од вредност при СКМ и директорите на приватните пензиски фондови. Тевдовски кажа дека Советот за пазар за капитал ќе се состанува најмалку еднаш во три месеци, а по потреба и почесто.

    „Ако пазарот на капитал е добро организиран, тоа позитивно ќе влијае на одлуките на потенцијалните домашни и странски инвеститори да вложуваат во домашната економија, а добро организиран пазар е добро регулиран пазар“, кажа Тевдовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира