Текстот на Законот за јазици кој беше искористен како алиби за нападот на Собранието на 27 април ќе оди на проверка во Венецијанската комисија, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.
Тој на прашањето дали испраќањето на законот за употреба на јазиците во Венецијанската комисија значи и негово пролонгирање, рече дека ако ова прашање се реши и се стави во архивите, ќе може да се работи на решавањето на економските проблеми.
“Немаме никакви предрасуди. Јас стоев овде исправен пред насилство заедно со колеги пратеници и не попуштивме. Меѓу другото и за ова прашање. Стојам зад тоа што сум го кажал и се надеваме дека час поскоро тоа ќе биде реализирано“, рече Заев.
Законот за употреба на јазиците кога ќе го утврди Владата ќе го достави до Венецијанската комисија за мислење.
“Тоа прашање не е само на ДУИ, Беса, ДПА, Алијанса за Албанците. Тоа е и на Зоран Заев и на СДСМ. За нас гласаа многу Албанци. Оваа влада нема да го стави под тепих. Кога ќе го утврдиме законот , па пред да биде доставен до Парламентот ќе го пратиме во Венецијанската комисија. Дури ако треба Парламентот и ќе го донесе законот, па после ќе ги чекаме забелешките од Венецијанската комисија“, рече Заев.