Сите амандмани поднесени за Законот за употреба на јазиците, се преведени, архивирани и ставени на е-парламент и ќе се разгледаат според одредбите од собранискиот Деловник, по што законот ќе биде разгледан на пленарна седница, соопшти Собранието.
Од владејачкото мнозинство изјавија дека претседателот на Собранието Талат Џафери ги известил дел од координаторите на пратенички групи дека нема да закаже собраниска седница додека не се најде решение за поднесените амандмани на Законот за употреба на јазиците.
„Сите амандмани се архивирани, обработени, преведени и ставени на е-парламент. Со оглед на големиот број амандмани, истите потребно е да се разгледаат и да се постапи по нив според Деловникот за работа на Собранието, по што Законот за јазици ќе биде разгледан“, стои во соопштението на Собранието.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено над 35 илјади амандмани на Законот за јазици.