ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ ДО 9 ФЕВРУАРИ ПАК ВО СОБРАНИЕ, ОТКАКО ИВАНОВ ОДБИ ДА ГО ПОТПИШЕ

    ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ ДО 9 ФЕВРУАРИ ПАК ВО СОБРАНИЕ, ОТКАКО ИВАНОВ ОДБИ ДА ГО ПОТПИШЕЛидерот на ДУИ Али Ахмети на седницата на Собранието на 11 јануари, на која беше усвоен Законот за употреба на јазиците (Фото: М. Златевска)

    Законот за употреба на јазиците најдоцна до 9 февруари треба повторно да биде ставен на разгледување во Собранието, откако претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека нема да го потпише указот, бидејќи го смета за противуставен.

    Законот за употреба на јазиците Собранието го донесе на 11 јануари, со 69 гласа „за“. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата на Собранието и не беа присутни на гласањето и за овој закон.

    Собранието повторно треба да го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, стои во членот 75 од Уставот.

    Постапката за повторно разгледување на законот е пропишана во Деловникот и во Законот за Собрание.

    „Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“, стои во ставовите 3 и 4 од членот 38 од Законот за Собрание, како и во членот 173 од Деловникот на Собранието.

    Иванов рече дека дека решил да не го потпише указот за Законот за јазиците бидејќи е противуставен, го фаворизира албанскиот јазик и се воведува скап паралелизам во државната власт што ќе доведе до блокада и нефункционалност.

    Владата реагираше на обраќањето на Иванов и вели дека законот е ускладен со Уставот. Владата уверува и дека формулацијата на Законот не го нарушува унитарниот карактер на Македонија и најави дека ќе биде испратен на мислење во Венециската комисија.

    „Владата на Република Македонија изразува жалење за одлуката на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците. Во оваа прилика сакаме уште еднаш да нагласиме дека сите одредби во законското решение за употребата на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија“, се вели во реакцијата.

    Владата вели дека со законот се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија и е чекор кон градење општество за сите. Исто така, уверува дека законот за јазиците целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа.

    „Законот беше донесен соодветно на предвидените процедури во Собранието на РМ. Опозицијата ги имаше сите можности амандмански да учествува во усовршувањето на Законот. Опозицијата сама донесе одлука да не учествува во политичкиот процес на донесување на Законот за употреба на јазиците. Неучеството не ја исклучува политичката одговорност“, вели Владата на забелешките на Иванов дека се прекршени процедурите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира