Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев кажа дека ги поднел предлозите за измени на законите за продолжување на мандатот на СЈО и законот за заштита на сведоци до координаторите на пратеничките групи во Собранието.
„Ги доставивме предлозите. Деновиве ќе ги поднесеме до Собранието”, изјави Тунтев.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на 23 март побара од Собранието да го продолжи мандатот на СЈО за да може тоа до крај да си ја заврши работата за кое што беше формирано.
Како што кажа Јанева, станува збор за многу финансиски истраги кои во иднина ќе покажат како парите на граѓаните завршувале во приватни џебови на високи функционери на правни лица поврзани со високи функционери.
„Бараме Собранието да ги разгледа законските одредби и заедно да најдеме законско решение до крај да ги истражиме кривичните дела што се од наша надлежност“, изјави тогаш специјалната обвинителка.
Г. ТРПЕНОСКИ