Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита во прво читање, со кои се овозможува преземање лекари специјалисти, стоматолози, фармацевти и медицински сестри од приватните во јавните здравствени установи.
Со измените се брише рокот до декември 2016 да може да се преземаат лекари од приватните во јавните здравствени установи, што сега е пречка болниците и клиниките директно со преземање да го надополнат кадарот кој им недостига, место да распишуваат огласи за вработување, што ја отежнува и одолговлекува процедурата.
Медицинските сестри кои останале без работа од приватната здравствена установа на матичните лекари исто така ќе може да бидат вработени во јавните здравствени установи.
За да поминат овие законски измени треба да има амандманска расправа во матичната комисија за здравство, а потоа да бидат усвоени на пленарна седница. Засега седница на Комисијата за здравство не е закажана, и неизвесно е дали тие ќе бидат усвоени до Нова година.
Со овие измени се менува начинот на плаќање по успешност на докторите, а основната плата ќе се утврдува според колективниот договор.
Сменети се условите кои треба да ги исполнат а раководители на оддели во јавните здравствени установи, односно наместо 7 години искуство во струката, сега услов е 5 искуство, а се брише обврската да имаат воведено најмалку две нови методи, да престојувале најмалку шест месеци во странство во последните пет години заради стручно усовршување, и да имаат најмалку еден труд во научно списание со импакт фактор. Се брише и временското ограничување од 6 години за раководител на оддел во јавна здравствена установа.
Со измените се воведува и обврска специјализантите најмалку шест месеци да поминат од специјализацијата во јавни здравствени установи во слеа и мали места, како и во службите за итна медицинска помош.
Директорите на јавните здравствени установи веќе нема да мора да полагаат психолошки тест и тест за интегритет, но ќе треба да донесат меѓународно признат сертификат за познавање англиски јазик
Со законските измени се уредуваат видовите внатрешни организациони единци што може да се формираат во јавните здравствени установи, и се укинува надоместот за членовите на комисиите за малигни заболувања и на членовите на Националната комисија за дијабетес мелитус, кој изнесува 70 отсто од просечна плата, како и надоместот од 30 отсто од просечна плата за секретарот на Националната комисија за дијабетес.