Заменикот министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар ги презема овластувањата и одговорностите во раководењето со Министерството за труд и социјална политика, одлучи Владата на денешната седница.
„Согласно став 2 на Член 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа во делот 4 што го уредува раководењето со органите на државната управа и нивни меѓусебни односи, се вели дека заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето“, соопштија од Владата.
Министерката Рашела Мизрахи беше разрешена од Собранието во саботата, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ не предложи нов кандидат на позицијата што им следува во техничката влада пред распуштањето на парламентот во неделата.
Владата на денешната седница поништи неколку решенија за распоредувања и наредби на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Меѓу поништените е и наредбата со која Зоран Јанаќијев се задолжува да извршува работи и задачи од работно место Командант на Единица за брзо распоредување во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ.