ЗАМРЗНАТ ИМОТОТ НА ОБВИНЕТИОТ ПОМОШНИК-МИНИСТЕР ОД МВР, СЈО ЌЕ ГИ ВРАЌА НЕЛЕГАЛНО СТЕКНАТИТЕ ДРЖАВНИ ПАРИ

    ЗАМРЗНАТ ИМОТОТ НА ОБВИНЕТИОТ ПОМОШНИК-МИНИСТЕР ОД МВР, СЈО ЌЕ ГИ ВРАЌА НЕЛЕГАЛНО СТЕКНАТИТЕ ДРЖАВНИ ПАРИСпецијалните обвинителки Фетаи, Јанева и Ристоска на прес-конференцијата на 23 март презентираа 4 истраги за финансиски криминал, вклучувајќи го и случајот „Триста“. (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство има шанси да врати нелегално стекнат имот во случајот „Триста“ за злоупотреби со набавката на возила за МВР, откако по жалба, кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, сепак, одлучил да му го замрзне имотот на обвинетиот поранешиот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски.

    На 26 мај, Специјалното јавно обвинителство поднесе предлог до Основниот суд Скопје 1 за замрзнување на недвижен и движен имот на сега првообвинетиот во случајот „Триста“, откако оштетено лице пријавило имотно-правно побарување. Оштетеното лице е Министерството за внатрешни работи. Обвинетиот е помошник-министер во МВР задолжен за јавната набавка на 300 возила за МВР.

    „Во врска со предметот ‘Триста’, откако е пријавено имотно-правно побарување од страна на оштетено лице, побарано е да се изрече забрана за отуѓување и оптоварување на имот. Имено, до Судот е поднесен предлог за определување привремена мерка за обезбедување на имотноправно барање и тоа: забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на осомничениот. Во предлогот до Судот наведено е точно за кој и каков имот се работи“, соопшти СЈО кога го поднесе првпат барањето за замрзнување на имотот на Поповски.

    Случајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека се работи за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошник министер во Министерството за внатрешни работи, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила.

    „Од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот во временскиот период од 23.06.2008 г. до 03.05.2012 г., во Скопје, како службено лице-Помошник министер во МВР, овластен со решение од министерот за внатрешни работи да ги спроведува постапките за јавни набавки во Министерството, со искористување на својата службена положба и овластувања, при вршење на јавни набавки, го оштетил буџетот на РМ за износ 27.894.555 денари или 453.570 евра“, кажа тогаш Фетаи.

    Пред Апелациониот суд Скопје Поповски се спаси од притвор. Обвинителите од СЈО кога ја бараа оваа мерка, потенцираа дека Поповски е имотен човек.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира