„Западниот Балкан неминовно е дел од оваа нова архитектура на меѓународните односи, особено од аспект на новата безбедносна архитектура на Европа. Тоа во моментов е најважната тема за нас, но и безбедносно прашање кое е високо на агендата и кај нашите партнери во останатиот дел од Европа. А во изградбата на иднината на Западниот Балкан како дел од европската безбедносна архитектура, централно место зазема европската и евроатлантската перспектива на регионот“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со медиумите на вториот Преспа форум за дијалог (ПДФ) во Охрид кој се отвора вечерва, каде главна тема е „Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“.
Османи кажа дека темата е на линија на новиот безбедносен феномен, кој од темел го разниша поредокот кој обезбедуваше цврста безбедност и долгорочна стабилност.
Меѓу темите за дискусија на годинешниот ПФД ќе бидат и градењето на отпорна безбедносна средина, зацврстување на стратешките партнерства, економската соработка, зелената агенда, климатските промени и влијанија, улогата на жените и младите во општествените текови
Преспа форумот за дијалог ќе ги опфати најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан, со посебен осврт врз импликациите на војната во Украина врз севкупните меѓународни, политички, безбедносни, економски прилики во Европа и пошироко.
Османи нагласи дека значењето на ПФД се потврдува со учеството на претседатели од регионот, меѓу кои Борут Пахор од Словенија, Зоран Милановиќ од Хрватска, Вјоса Османи од Косово, Мило Ѓукановиќ од Црна Гора, но и премиерот на Косово Албин Курти и премиерката на Србија Ана Брнабиќ.
Дополнително, современите предизвици со кои се соочува регионот и Европа ќе бидат адресирани и од голем број министри за надорешни работи, а ќе учествуваат и истакнати претставници на меѓународните организации меѓу кои и генералната потсекретарка на Обединетите Нации за политички прашања Розмари ди Карло и актуелната генерална секретарка на ОБСЕ Хелга Шмит.
Османи кажа дека особено значајно е што на годинешниот ПФД на едно место за прв пат ќе се соберат петте специјални претставници за Западен Балкан од САД, ЕУ, Обединетото кралство, Германија и Австрија.
„Успешната организација на Преспа форумот за дијалог, кој воедно се совпаѓа со четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, ја потврди нашата цел поставена минатата година истиот да прерасне во докажан бренд и редовна платформа за градење на мостови, култура на пријателство и доверба, помирување на народите, зближување и надминување на стереотипите. Северна Македонија го потврди своето место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер од кој произлегуваат позитивни иницијативи и уште еднаш успеа да се докаже како значаен сојузник особено кога се работи за придонесот во меѓународните односи”, кажа Османи.
С. ВРЕНЦОВСКА