ЗАПИШЕТЕ СЕ ВО РЕГИСТАРОТ И МОЖЕ ДА СПАСИТЕ ЖИВОТ, ПОЧНА КАМПАЊАТА ЗА ДАРУВАЊЕ КОСКЕНА СРЦЕВИНА

    ЗАПИШЕТЕ СЕ ВО РЕГИСТАРОТ И МОЖЕ ДА СПАСИТЕ ЖИВОТ, ПОЧНА КАМПАЊАТА ЗА ДАРУВАЊЕ КОСКЕНА СРЦЕВИНАТри чекори се доволни за да спасите нечиј живот: запишете се во регистарот на Институтот за имунологија, оставете една епрувета крв која ќе се типизира и потоа влегувате во еден софтверски систем како потенцијален дарител на коскена срцевина, која за многу хематолошки болести е единствен лек, рече директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис на почетокот на кампањата за подигање на јавната свест (Фото: Министерство за здравство)

    Над 500 трансплантации на коскена срцевина се изведени на Клиниката за хематологија, а лани за прв пат беше изведена и трансплантација од несроден дарител. Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска-Ставридис вели дека на почетокот на годината потпишале меморандум за соработка со Клиниката за детски болести и дека со тоа имаат и правна рамка да вршат трансплантации и кај деца над три години.

     

    Со пораката дека секој може да спаси нечиј живот со тоа што ќе стане потенцијален дарител на коскена срцевина од периферна крв, во рамките на меѓународната работилница „Идни перспективи и предизвици“ стартуваше кампањата „Биди срцевина, биди херој“, која ја спроведуваат Клиниката за хематологија со Институтот за имунологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а со поддршка од Министерството за здравство. Со кампањата, како што кажа директорката Пановска-Ставридис, сакаат да ги поттикнат граѓаните да се запишат во доброволниот регистар на дарители на коскена срцевина.

    „Три чекори се доволни за да спасите нечиј живот. Граѓаните треба да дојдат на Институтот за имунологија, да се запишат во регистарот и да остават една епруветка крв од пет милилитри. Ќе се направи ХЛА типизација и нивните податоци ќе влезат во еден софтверски систем и ќе фигурираат како потенцијални дарители. Ќе може да бидат модерни суперхерои. Со оваа кампања сакаме да ја поттикнеме солидарноста“, рече Пановска-Ставридис.

    Таа кажа дека на Хематологија нема листа на чекање за трансплантација на коскена срцевина, бидејќи пациентите доаѓаат во тешка состојба, а прво треба болеста да се стави под контрола за да може да се изведе трансплантацијата.

    „Донирањето на коскената срцевина не е како донирање орган, туку нешто што ќе се регенерира многу брзо. Има два начина да се донира коскена срцевина: под анестезија во операциона сала се вади одредена количина коскена срцевина, а може да се донира без анестезија, со земање крв од вена која минува низ машина за афореза, при што донорот седи на столица за три до четири часа и разговара со сите. Процесот е многу безбеден. Но, тоа е многу добро контролиран процес, каде на донорот пред да се подложи на процедурата му се прави строга медицинска проценка, под строга контрола и набљудување е за време на донацијата, но и по донацијата, по неколку месеци или по неколку години зависно од тоа каде е. Процесот е безебеден и се изведува неколку децении. Кај возрасните пациенти користиме главно клетки од крвта кои се земени со афореза, што е прилично едноставна процедура“, рече професорот по хематологија од Универзитетот во Сорбона Момахем Мохти, кој е еден од учесниците на работилницата.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дака оваа тераписка метода за пациентите со малигни заболувања е воведена во 2000 година, и дека лани со воведување и на несродна трансплантација и здравствениот систем прави заштеди, а пациентите веќе не мора да патуваат во странство оти овој нов метод е достапен за сите. Тој кажа дека несродна трансплантација досега е извршена кај двајца возрасни и кај дете.

    „Ќе предолжиме да ги зајакнуваме капацитетите на јавното здравство таму каде што има можност, а веќе имаме експертиза. Ќе продолжиме и да ги адаптираме моделите за јавно-приватно партнерство, за да ги искористиме сите други капацитети што постојат во нашата земја“, рече Филипче.

    Александар Петличовски од Институтот за имунологија и хумана генетика рече во регистарот на дарители на коскена срцевина во моментов има над 3.000, а дека со зголемување на овој број се зголемува и можноста за македонските пациенти да се најде несроден дарител на коскена срцевина, но и нашите граѓани да бидат дарители за пациенти во странство. Тој кажа дека годинава ФЗОМ го зголемил буџетот за овие испитувања, кои се скапи.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување Даниел Дончев кажа дека лани за трансплантација на коскена срцевина биле одвоени пет милиони евра, а годинава се одвоени над шест и пол милиони евра.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари