Поранешниот директор на УБК и највисок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, моментално еден од најбогатите бизнисмени во Македонија, Сашо Мијалков, денеска се спаси од уште едно кривично гонење, во предметот „Титаник 2“. Пет години случајот се тркалаше во Основниот кривичен суд Скопје, па во Апелација на чекање и одлука за да се врати на повторно судење во Кривичен, што придонесе делото за кое беше обвинет, „Примање награда за противзаконити влијание“, денеска апсолутно да застаре.
За Мијалков се водеа пет предмети. За „Империја“ призна вина и во моментов ги отслужува досудените три години во отворениот затвор во Струга.
Се спаси од затвор во „Плацеви на Водно“, каде Апелациониот суд Скопје неодамна му ја преиначи затворската во условна казна. Претходно Апелација го ослободи од вина во предметот „Тортура“ врз Љубе Бошкоски. Предметот „Тврдина-Таргет“ откако судијата – известител Енвер Беџети го чуваше да застаре, е вратен на повторни судење, бидејќи по чувањето во фиока, предметот беше ставен на расправа и судот одлучи да го врати назад.
За брзо време застарува и „Тврдина-Таргет“, кој е за масовното незаконско прислушување на граѓани, додека Мијалков беше директор на УБК.
На Мијалков му останува само „Трезор“ за незаконската набавка на британска прислушна опрема, за кој се чека да се смени власта, да се спаси и од последниот предмет и да биде целосно слободен човек.
С. К. ДЕЛЕВСКА