Затворите целосно ќе се покријат со камери и врз затворениците ќе се врши видео-надзор, предвидуваат измените на Законот за извршување на санкциите, кој е во поодмината собраниска фаза. Снимките со криминал и радикализам, нема да се бришат, останатото автоматски ќе се брише за 30 дена.
Освен тоа, затворските полицајци ќе мора да носат камери на униформите, за да се открие и спречи нивна корупција.
Измените пропишуваат како ќе се снима, т.е. ќе се врши видео-надзор во затворите.
(1) Во установите може да се врши видео надзор за следните цели: за контрола и безбедност на установите, заштита на животот и здравјето на осудените, притворените лица и децата, заштита на животот и здравјето на вработените лица во установите и другиот ангажиран персонал и заштита на посетителите.
(2) При преземање на дејствијата во рамките на затворските овластувања, затворската полиција, директорот и вработените можат да употребат технички средства за аудио – визуелно снимање (боди-камера), со кои ќе се обезбеди снимен материјал (аудио и видео запис) за начинот на кој се врши визуелното снимање од страна на затворската полиција. При користење на техничките средства лицата се должни да го известат затвореникот дека е снимано, освен ако известувањето на лицето за употреба на аудио и видео снимање го оневозможува или отежнува преземањето на дејствието во рамки на овластувањата.
(3) Снимките направени согласно ставовите (1) (2) на овој член, се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена и по истекот на овој рок, автоматски се бришат од медиумот на кој се чуваат.
(4) Снимките од видео надзорот може да се чуваат на соодветен медиум и подолг временски период, но не повеќе од една година, ако содржат снимен материјал за настан за кој е изготвен стандарден оперативен протокол за средства за присилба, со цел заштита на правата и слободата на осудените, притворените лица и децата.
Системите за видео надзор се важни за поддршка на ефективната безбедност во установите, вели предлагачот Кренар Лога, министер за правда.
Новина е и што ќе се формираат со закон Единици за затворско разузнавање, најмногу поради тоа што радикализацијата во затворите се шири. Во предложените измени се наведува:
(1) Со цел зголемување на општата безбедносна состојба на секоја казнено-поправна установа, детектирањето и управувањето со потенцијалните ризици како и превенција од нив во установи од затворен вид, а по потреба и во установи од друг вид, се воспоставуваат единици за затворско разузнавање (ЕЗР). Тие се дел од внатрешната организација на секој од затворите каде се формирани и се сметаат како друга мерка за обезбедување. ЕЗР ќе бидат ефикасен механизам на детектирање и спречување на корупција во казнено-поправните установи, се планира со законските измени.
Селекцијата на аналитичарите кои ќе вршат работни задачи во единиците за затворско разузнавање ќе се одвива по претходна извршена безбедносна проверка од страна на соодветен надлежен државен орган (АНБ). Аналитичарите во единиците за затворско разузнавање имаат право на додаток на плата за посебни услови за работа и за работа изложена на ризик во висина од 40 % од износот на основната плата.
Вработените аналитичари одговараат пред директорот на установата и пред директорот на
Управата. Тие ќе разменуваат податоци со безбедносните структури во државата, само ако целта на размената е кривична одговорност или заштита на безбедноста и државните интереси. Личните податоци за осудените лица ќе се обработуваат во согласност со прописите од областа на заштита на лични податоци.
Во КПД Идризово беше спроведен пилот проект и беа обучени вработени кои ќе бидат дел од Единицата за затворско разузнавање. Тие треба да го намалат криминалот во затворите, корупцијата на вработените, нередот во установите, и најважно, попречување на регрутирањето на ранливи осудени лица и нивна радикализација во казнено-поправните установи и надвор потоа.
Новина е и што ќе се отворат посебни одделенија за осудени лица со висок и многу висок безбедносен ризик, а не како досега, осудени таксисти и убијци на доживотни казни затвор заедно.
За осудените лица сместени во одделенијата за висок и многу висок безбедносен ризик ќе се донесе нов Куќен ред со кој поблиску ќе се определи организацијата на работата и се пропишува начинот на живеењето на овие осудени лица, видот и начинот на користење на погодностите, одржување на редот и дисциплината, контактот со надворешниот свет и друго, како и фактот што општите акти од овој член ги донесува директорот на Управата во согласност со министерот за правда.
На вработените, затворската полиција, затворските разузнавачи, замениците-директори и директорите на затворите, со закон им се воведуваат додатоци за ризик во работата, до 40 отсто од платата што ја земаат.
За сите овие технички и технолошки новини, како и за додатоците во платите, државата ќе мора да годишно да издвојува годишно по 1,5 милиони евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА