ЗАТВОРОТ ШУТКА ГО ИЗВЕСТИ СУДОТ ДЕКА ГРУЕВСКИ НЕ СЕ ПРИЈАВИЛ ДОБРОВОЛНО, МОЖЕ ДА СЕ РАСПИШЕ ПОТЕРНИЦА

    ЗАТВОРОТ ШУТКА ГО ИЗВЕСТИ СУДОТ ДЕКА ГРУЕВСКИ НЕ СЕ ПРИЈАВИЛ ДОБРОВОЛНО, МОЖЕ ДА СЕ РАСПИШЕ ПОТЕРНИЦАОд судот велат денеска ќе се направи уште еден обид да му се врачи решението за одбиените жалби за одлагање на затворската казна на осудениот Никола Груевски. (Фото: СДК.МК)

    Затворот „Скопје“ од Шутка, кај што треба експремиерот Никола Груевски да ја одлежи двегодишната затворска казна, го известил утринава Основниот суд Скопје 1 дека осуденото лице не е појавило доброволно во установата во законскиот рок.

    Според законската процедура, ова е еден од условите кога надлежниот суд, во случајов Кривичниот суд, може да бара распишување потерница по Груевски.

    Утринава од судот за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека денеска ќе се направи уште еден обид да му се врачи решението на Груевски за одбиените жалби со кое тој мора веднаш да дојде доброволно во Шутка и да почне да ја извршува казната.

    До крајот на работниот ден судот рече дека ќе извести за исходот од последниот нивен обид за врачување на решението и за натамошните постапки во однос на Груевски, кој во петокот три пати не беше најден на адресата од лична карта од судскиот доставувач.

    На Груевски како поранешен премиер, според законот му следува 24-часовна државна заштита од шестмина  телохранители вработени во МВР. Но, Судот викендов не побарал асистенција од СВР Скопје за да го најде осуденикот. Полицијата, според процедурата, без налог на судот нема да го бара Груевски. Тоа значи дека воопшто нема ни да ги прашува шестмината вработени во Шестата управа на МВР кои го обезбедуваат како експремиер, каде е, зошто не е најден дома, дали им избегал и слично, додека Кривичниот суд не даде налог за такво нешто. Нивните шефови од МВР немаат законска надлежност да им се јавуваат и да ги прашуваат каде е, зошто не бил на адресата што ја пријавил, се додека не биде добиен налог од Судот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира