ЗАВРШИ ДОКАЗНАТА ПОСТАПКА ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ И КУПУВАЊЕТО ШТАБОВИ, СЛУЧАЈ ВО КОЈ СЕ ЗАМРЗНАТИ ОКОЛУ 5 МИЛИОНИ ЕВРА ПАРТИСКИ ИМОТ

    ЗАВРШИ ДОКАЗНАТА ПОСТАПКА ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ И КУПУВАЊЕТО ШТАБОВИ, СЛУЧАЈ ВО КОЈ СЕ ЗАМРЗНАТИ ОКОЛУ 5 МИЛИОНИ ЕВРА ПАРТИСКИ ИМОТСудот одлучи дека не треба супер вештачење, бидејќи слушна две јасни вештачења на спротивставените страни и „Талир2“ на СЈО го донесе на крајот, пред завршни зборови и пресуда (Фото:К.Попов)

    Случајот со незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и незаконски купените 30 партиски штабови, денеска заврши со доказната постапка во една напната и нервозна атмосфера. Овој исклучително комплексен предмет кој го води судијката Далиела Алексовска – Стојановска во Основниот кривичен суд Скопје дојде до завршни зборови, по што ќе следува пресуда и одлука дали имотот на партијата ќе се конфискува или не.

    Во финишот на долгиот судски процес „Талир 2“ одбраната имаше побарано супервештачење, но судијката не го прифати предлогот. Образложи дека за советот се многу јасни и прецизни како вештачењето на обвинителството, така и тоа на одбраната на обвинетите, со што ѝ стави крај на долгата доказна постапка.

    На ова судење доаѓа само обвинетиот Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи другиот обвинет, Никола Груевски е во бегство во Унгарија, каде продолжи со свој бизнис.

    Имотот на една од најбогатите партии во Европа ВМРО-ДПМНЕ е замрзнат над 4 години. Уште 39 штабови низ Македонија што ги има купено партијата во време на Никола Груевски на незаконит начин се замрзнати во друг предмет, со перење пари преку уплатници на име на членството, без нивно знаење, во друг предмет Талир 1. Груевски и Божиновски во „Талир 2“, од обвинителката Ленче Ристоска се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Обвинението последните неколку судења во судницата продолжи да го застапува обвинителот Љубомир Лапе, Ристоска е на крај на бременоста.

    На денешното рочиште судијката им ги прифати речиси сите дополнителни доказа како на обвинителството, така и на одбраната, а изврши и увид во одлуката на судијата на претходна постапка пред околу 4 години со која го замрзна имотот на партијата кој е предмет на обвинението.

    Главното кривично дело во овој сложен предмет е што Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Кирил Божиновски како генерален секретар преку партијата оствариле профит од над два милиона евра, испумпувајќи пари од бизнисменот Минчо Јорданов, чија градежна компанија тогаш добиваше тендери за Скопје 2014 година и други од државата.

    Со Законот за политички партии забрането е партиите да остваруваат профит. Може да стопанисуваат само во рамки на пазарна вредност на стоките и услугите, тоа што е над таа вредност треба да враќаат во Буџетот. Но, според обвинението, тие не само што не го вратиле профитот во Буџетот на државата, туку со парите од партнерот ДГ Бетон, кој остварувал приходи од тендерите на државата под власт на Груевски, склучиле договор да им ја изгради 10-катната зграда – седиште на ВМРО-ДПМНЕ, да им даде пари за уште 30 штабови низ Македонија, да им ги купи лустерите, скапите паркети, плочките, мебелот и опремата во партиското седиште.

    Според доказите, купувањето одело преку фирмите на зетот на Јордан Камчев „СС Инвестмент“ и „ГЕММА“, од каде на бизнисменот Минчо Јорданов само му испорачувале фактури што треба од луксузен градежен материјал и опрема за интериер да набави од Италија, Лихтенштајн, Кина, Полска.

    Според обвинението, во овој случај се гони чиста корупција. Уште еден доказ за тоа, според обвинителниот акт, е што ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија тогаш тогаш не смеела да склучува договор со ДГ Бетон , бидејќи во тој момент 80 отсто од приходите што ги остварувала компанијата, биле од тендери добиени од државата.

    Груевски и Божиновски се обвинети дека ја злоупотребиле службената положба и овластувањата со тоа што спротивно на Законот за политички партии, прифатиле изградба на објект кој бил многу поскап од вредноста на земјиштето кое го поседувала партијата и воедно примиле дополнителни два милиона евра од Бетон.

    Во периодот 2012-2013 година, Бетон изведувал градежни работи по пат на јавни набавки, па секоја услуга која Бетон ја обезбедувал на политичката партија, а која отстапува од пазарната вредност и не е сразмерна, се смета за донација. Според тоа, партија може да стопанисува и да биде соинвеститор, само до ниво на пазарната вредност на инвестицијата, што очигледно не е случај. Според Законот за финансирање на политичките партии, ако донацијата доаѓа од субјекти кои не можат да бидат донатори, како во слулајов „Бетон“, донација не смее да се прими и треба да се врати или уплати во Буџетот.

    Од она што можеше да се види на последното рочиште, на одбраната ѝ треба да докаже дека трошокот што „Бетон“ го имал за изградба на штабот и двата милиона евра кои ги уплатил на ВМРО ДПМЕ, се всушност пазарна вредност на плацот, а не се донација. Но, обвинителството смета дека метар квадратен во 2012/2013 година според проценките на вештакот што го ангажирала обвинителката Ленче Ристоска таму чини во просек 1.000 евра, никако 7.000 евра и дека сумите се извадени од ракав.

    Накусо, што е според обвинението суштината на случајот Талир 2, поради кој е замрзнат имот на ВМРО-ДПМНЕ од речиси 5 милиони евра?

    Партијата за време на своето владеење, уште во 2009 година го купува државното замјиште во срцето на Центар (Мал Ринг) за 110 евра метар квадратен. Потоа во 2012-2013 година партијата склучува договор за соинвеститорство со ДГ Бетон за изградба на хотел и седиште на партијата. Во меѓувреме неколку пати се менува ДУП-от, па површината на објектот е енормно зголемена и предвидена е 100% изграденост на земјиштето. При градбата, Бетон наводно греши и на партијата ѝ изградува помалку од тоа што е договорено.
    Бетон вели – разликата ќе ви ја платиме. Два милиона евра отштета за згрешеното, компанијата ѝ исплаќа на владејачката партија, која на Бетон ѝ враќа со најголемиот број на тендерите во државата, повеќето поврзани со градежните активности за проектот „Скопје 2014“. Бетон тие два милиона на партијата на Груевски ги исплаќа на рати. Како што ги дава парите, така Груевски и Божиновски купуваат имот за штабовите. Исплатите според обвинителството се вршат на 15 пати, по различни износи од по 150.000 евра, па по 200 илјади евра…и така легнуваат до два милиона евра на сметката на ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира