Основното јавно обвинителство Кочани ја финализираше истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 62 лица. Во рамките на истрагата, соопшти обвинителството, опфатени се вкупно 46 осомничени лица кои се товарат за Тешки дела против општата сигурност, согласно Кривичниот законик.
Во наредниот период, одбраната на осомничените ќе има можност да изврши увид во обезбедените докази и да предложи свои, по што ќе следува донесување на јавнообвинителска одлука за секој од осомничените поединечно.
Истражната постапка ја водеше тим од 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово. Како што велат од обвинителството, тие презеле обемен број дејствија за собирање докази и утврдување на фактичката состојба. По наредба на јавните обвинители, полициски службеници и истражители од истражните центри на обвинителството прибрале материјални докази и документација од местото на несреќата и други локации, кои потоа биле предмет на вештачење. Според обвинителството, обезбедени се детални обдукциски наоди за причините за смртта на настраданите и карактерот на повредите кај повредените, а изготвени се и градежно и хемиско вештачење за испитување на околностите во објектот, безбедносните стандарди и начинот на настанување и ширење на пожарот. Дополнително, за дел од документацијата на клубот било спроведено и графолошко вештачење.
Во текот на истрагата се сослушани околу 400 сведоци и оштетени лица, а биле испитани и осомничените. Извршена е и анализа на податоци од бројни електронски уреди, како компјутери и мобилни телефони, кои биле вкрстувани со останатите информации. Управата за финансиска полиција, по насока на јавен обвинител, изврши проверки и во однос на работењето и функционирањето на клубот.
Доказите прибрани во оваа истражна постапка, а кои се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Таму, Специјализираното одделение веќе води истрага против 14 полициски службеници, а овој дел од истрагата ќе продолжи со цел целосно расветлување на сите факти и околности. Обвинителството најавува дека доколку од анализата на овие или други докази произлезат елементи на кривично дело и кај други лица, кои досега не се опфатени, ќе постапи согласно своите надлежности.
Пожарот се случи на 16 март по полноќ, за време на концерт на групата „ДНК“, кога беа употребени пиротехнички средства. Искрите го запалија плафонот на дискотеката, која одвнатре била обложена со лесно запалив материјал, по што објектот беше пеплосан со огромна брзина. Во пожарот загинаа 62 лица, од кои 6 деца, а беа повредени околу 200 лица, од кои 25 деца, главно со тешки изгореници и повреди од вдишување чад. Според информациите, дискотеката работела две години без лиценца, факт што не бил регистриран од страна на Пазарната инспекција, кочанската и штипската полиција, како и од локалната самоуправа. Објектот, наводно, работел на сличен начин и во претходни периоди кога поседувал лиценца.