Заврши протестот во Скопје. Демонстрантите полека го напушаат просторот пред Владата на Република Македонија.
Владата беше последна дестинација на денешниот марш на граѓаните што протестираат против одлуката на Иванов за аболиција на политичари и против изборите закажани за 5 јуни. Тие како по обичај прво се собраа пред седиштето на Специјалното обвинителство и се упатија кон Собранието. Таму демонстрантите порачаа дека не ја прифаќаат идејата на Европската унија за обновени преговори меѓу лидерите на политичките партии. Тие велат дека Зоран Заев не смее да оди на преговорите во Виена и ако реши да оди да не смета на нивната поддршка. Бараат, ако веќе има нови преговори и тие да бидат вклучени во нив.
Потоа демонстрантите се упатија кон Министерството за култура во скопската населба Дебар Маало. Тоа беше одбрано симболично затоа што скапиот проект „Скопје 2014“ одеше токму преку ова министерство. Движејќи се од Собранието кон Дебар Маало, демонстрантите фрлија детергент во фонтаната на Александар Македонски за, како што рекоа „да го исперат криминалот“. Но, бидејќи немаше пена, рекоа „Џабе, овој криминал не се пере“. Пред тоа повторно фрлаа со боја по фасадата на Порта Македонија.
Откако Министерството за култура беше обоено со боја и со јајца, демонстрантите се префрлија пред Владата на Република Македонија.