ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА „МИЛЕ МИ ТЕКНА“, ЌЕ ГРАДИМЕ ПО ПЛАН, РЕЧЕ ЗОРАН ЗАЕВ НА ПОЧЕТОКОТ НА КАМПАЊАТА ВО БИТОЛА

    ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА „МИЛЕ МИ ТЕКНА“, ЌЕ ГРАДИМЕ ПО ПЛАН, РЕЧЕ ЗОРАН ЗАЕВ НА ПОЧЕТОКОТ НА КАМПАЊАТА ВО БИТОЛАПремиерот Зоран Заев на битолчани им вети чист воздух и набавка на филтри за РЕК „Битола“. - Од вечерашниот митинг во Битола (Фото: СДК.МК)

    На овие локални избори ќе ставиме крај на децениското самоволие на кабинетските градоначалници кои исполнуваа нарачки од партиски шефови, порака лидерот на СДСМ, Зоран Заев од митингот во Битола, градот од каде партијата ја почна изборната кампања. Тој на битолчани им вети чист воздух и набавка на филтри за РЕК „Битола“.

    „Заедно со еколошките здруженија во Битола почнавме неделни состаноци со ЕЛЕМ за да почнеме да работиме на враќањето на еколошката заштита на Битола. Почнавме со реализација на набавка на магнетните филтри и почна изработка на стратегијата на комплетно ставање на филтрите во Битола. Заедно се боревме, здравјето ни е најважно“, рече Заев.

    Тој порача дека ќе водат суштинска, а не фасадна политика.
    „Ја вративме евтината дневна тарифа на струјата од која имаат полза сите, посебно најсиромашните. Тоа е благодарение само на спречување на еден криминален тендер во Битола. Само на заштадите на помалку од 25 проценти на ископот и дотур на јаглен, 8 милиони евра се заштедите, толку е ефитната тарифа за цела Македонија“, рече лидерот на СДСМ.

    Тој нагласи дека нивната изборна програма ќе се потпира на четири столбови. Првиот, градење по план и со квалитет зашто завршило времето на „еј, Миле ми текна, а да ставиме овде фонтанче“. Второ чиста вода и воздух, трето покачување на платите и развој на економијата и четврто,отворена и услужна општина каде на едно место ќе се добиваат сите услуги. Заев се пошегува со новата ера што ја најавува ВМРО-ДПМНЕ.

    „Граѓаните се зафркаваат со него, каде и да одам велат претседателе треба да им кажете тоа ДПМНЕ што всушност значи, значи демонтиран патриот за монтирање на нова ера. Друг пак, во Ресен ми вели друштво на профитери, манипуланти и недоквакани единки“, рече Заев.

    На битолчани им порача дека 3.200 гласа колку што беше разликата за парламентарните избори во полза на СДСМ се малку. Побара победа со над 5.000 гласа во Битола за како што рече и тие да чувствуваат уште поголема тежина и одговорност во оставрувањето на ветеното.

    Кандидатката за градоначалник, Наташа Петровска вети гасификација, реконструкција на Офицерскиот дом, Копанки,организиран сообраќаен режим, достапно паркирање за сите граѓани. Вети дека нејзиниот кабинет ќе биде отворен за сите битолчани, ќе работи чесно зашто и по четири години сака со чисто лице да се сретне со битолчани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира