Она што радува е што сегашните трансфери кои ги правиме во странство не се во насока на пациенти кои се критични и интубирани, туку сега правиме тријажа на пациенти спрема степенот и опсегот на изгореници. Оние кои имаат најголем процент и највисок степен на изгореници да се префрлат во референтни центри кои се строго специјализирани за третман на ваков вид повреди, рече денеска директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски.
По пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 59 лица, во моментов вкупно се третираат 178 пациенти низ различни здравствени установи од кои 64 се во државните болници во Македонија и 13 се во приватните болнии. Во моментов 101 пациент се третираат надвор од државата. Министерот за здравство Арбен Таравари утринава кажа дека денеска е последниот транспорт на повредени во странство.
На прес-конференцијата во Владата, д-р Стојаноски кажа дека неколку тимови на странски лекари кои доаѓаат од центри кои се строго специјализирани токму за ваков тип на повреди, како доктори од Воено-медицинската академија ВМА Белград, од болницата „Шеба“ во Израел, како и од Чешка, веќе работат во Болницата „ГОБ“ на санирање на повредите на оние пациенти кои не се критични и кои веќе имаат потреба од дебридман и подготовка за следната фаза, реконструктивна хирургија.
„Тоа се операции што подразбира отстранување на она изумрено ткиво, оштетено ткиво од изгорениците и давање простор тие повреди, тие рани да почнат да зацелуваат. Овие неколку денови не само што се следеше потенцијалното влошување на состојбата, туку мораше паралелно да се санираат и повредите“, рече директорот на „8 Септември“.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски рече дека натамошните фази се висоспецифични и бараат специфично искуство и затоа се решиле да се праќаат пациенти во странство.
„На еден пациент во Солун веќе му е извршена трансплантација на кожа на рацете. Веќе сме во контакт со Фондација од Холандија која има банка на кожни графтови за да донесеме кожни графотви во Македонија за да почнеме да ја размислуваме реконструктивната фаза“, кажа Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА