ЗЕКИРИ ПОСОЧИ ДВАЈЦА ОД ОБВИНЕТИТЕ ДЕКА ГО ИЗНЕЛЕ СЕЛА ОД СОБРАНИСКИОТ ПРЕС-ЦЕНТАР

    ЗЕКИРИ ПОСОЧИ ДВАЈЦА ОД ОБВИНЕТИТЕ ДЕКА ГО ИЗНЕЛЕ СЕЛА ОД СОБРАНИСКИОТ ПРЕС-ЦЕНТАРПратеникот Мухамед Зекири денеска сведочеше во Основниот суд Скопје 1 за обидот за убиство на неговиот колега од Собранието Зијадин Села. (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Мухамед Зекири го посочи обвинетиот Александар Јаневски како лице кое го изнело Зијадин Села од прес-центарот на судењето за обид за убиство на лидерот на Алијансата за Албанците на 27 април минатата година.

    „Бев во галеријата. Кога влезе толпата, со уште 4 колешки влеговме во кабината за превод. Низ стаклото гледавме што се случува долу. Колегата пратеник Села прво заработи удар во главата од тврд предмет по што почна да крвави. Потоа видов едно лице со црн елек и црни очила на главата како го повлече за рака Зијадин Села и го зема со себе“, сведочеше Зекири и го посочи обвинетиот Александар Јаневски.

    Потоа кажа дека други две лица од кои едното со маска на главата, во тегет маица, а другиот го препозна меѓу обвинетите Сашо Сенков, пристапиле и се приклучиле кон изнесувањето на Села од салата.

    Зекири рече дека од галеријата каде што биле, можел да види само што се случувало во прес-центарот и дека лицата кои го изнеле Села се упатиле кон излезната врата.

    „Неколку минути откако Села беше изнесен од салата добив порака од новинарка дали е вистина дека тој е мртов. Ѝ одговорив дека не можам да потврдам оти не го гледам. Дел од колегите пратеници потоа ми кажаа дека мислеле дека сум јас оти и јас имам долга коса како Села“, сведочеше Зекири и додаде дека не видел удари кога бил изнесуван од салата.

    „Мене ме бараа по име и презиме. Толпата дојде до кабината. Колегата Павле Богоевски стоеше пред кабината, пратеничката Фросина Ременски, која беше во првата кабина им велеше дека нема никој во втората кабина. Не бев нападнат оти толпата не успеа да влезе во кабината“, рече Зекири.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира