Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров потсети дека Северна Македонија доби зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ без услови и смета дека успехот на нашиот пристапен процес ќе биде успех и на Бугарија како сосед и пријател, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на еврокомесарот Питер Вархеји дека треба да најдеме заемно прифатливо решение со Бугарија за споровите.
„Успехот на нашиот пристапен процес ќе биде успех и на Бугарија како сосед и пријател. Да не заборавиме, од двете зелени светла, едното, за Северна Македонија, беше безусловно. Значи, нема услов што треба да се исполни за да почнат пристапните преговори. Затоа е многу важно за ЕУ таа одлука да се спроведе, во смисла на прва меѓувладина конференција. Но, покрај македонскиот и европскиот влог, тука голем влог има и нашиот сосед Бугарија. Мислам дека успехот овој процес да продолжи, ќе биде успех и на Бугарија, како земја сосед и пријател што сака да стане уште поголем пријател. Нема уште многу време, можеби уште четири-пет седмици. Ние на политичко ниво се обидуваме да стапиме во контакт, инициравме средби, работиме дипломатски посебно интензивно. Ќе видиме како ќе одат работите. Не би сакал да го потценувам предизвикот, но не смее да се потценува и огромната одговорност на сите вклучени, како и огромната шанса што е пред нас, да имаме успех и за нас и за нашите соседи и за ЕУ“, изјави Димитров на заедничката прес-конференција со ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ.
За извештајот, Димитров рече дека и во вакви ограничувачки услови поради пандемијата на ковид-19, Северна Македонија постигна напредок и можеме и треба да бидеме задоволни од целокупната оценка на Европската Комисија.
Како што кажа Димитров, оценката за вкупната подготвеност за напредок е 3, 11 или добро ниво на подготвеност, што значи дека споредено со претходната година има одредено поместување во нагорна линија, затоа што оценката за подготвеност лани била 3,06.
Димитров кажа дека во 32 области се задржува истото ниво на напредок, а напредување има во борбата против корупција, трговски друштва, земјоделство, образование, а помал напредок во јавна администрација, слобода на изразување односно на медиуми, пазарна економија, финансиски услуги, трансевропски мрежи, финансиски и буџетски одредби, додавајќи дека е забележан напредок во спроведување на европската агенда особено во четирите клучни области посочени од заклучоците од Европски совет и тоа реформа во правосудството, борбата против корупција, реформа на разузнавачките служби и реформа на јавната администрација.
Претходно, при презентирање на извештајот во Брисел, еврокомесарот Вархеји кажа дека очекува меѓувладината конференција, со која што официјално ќе почнат пристапните преговори, да се одржи до крајот на годината.