Квалитетни градби и едукација на населението е единствен начин за заштита од земјотреси, кажаа грчки и македонски сеизмолози на денешната конференција која се одржа во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), организарана заедно со Грчката амбасада во Скопје.
„Земјотесите постоеле и ќе постојат, а единствен начин за заштита од овие природни феномени е превенција односно квалитетни градби, тренинг и едукација за земјотреси на населението. Во Грција сега се соочуваме со земјотреси на Санторини, кои ни докажаа уште еднаш дека квалитетни градби и едукацијата се клучни“, рече Никос Теодулидис од Институт за инженерство и сеизмологија во Солун.
Директорот на ИЗИИС во Скопје Игор Ѓорѓиев кажа дека нашата законска регулатива е строга и објекти кои се проектирани и изведени согласно прописите нема да се срушат туку само ќе се оштетат при евентуален земјотрес.
„За да бидат сигурни граѓаните за одреден објект или зграда треба да знаат само дали ние сме им издале документ за градбата. Државата има свои механизми за справување со овие природни катастрофи. Секако дека многу важно е и однесување на нас откако објектот ќе се сруши. Ние како ИЗИИС ги едуцираме децата во основните школи за вакви катастрофи, проект кој го спроведуваме заедно со УНДП. Ние не можеме да ги предвидиме и да кажеме денес ќе има земјотрес, но може да спречиме да нема загубени човечки животи“, рече Ѓорѓиев.
ИЗИИС во моментов работи на зајакнување и санација на студентските домови, се крева нивната сеизмичка исправност со употреба на најновите стандарди.
Оваа година ИЗИИС слави 60 години постоење.
А. АНТЕВСКА