Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски ќе стане член на СДСМ. Жерновски утринава на Фејсбук објави дека ја повлекува независната кандидатура за градоначалник на Центар и кариерата ќе ја продолжи на висока раководна функција во централната власт.
ЖЕРНОВСКИ ЌЕ ЈА ПОВЛЕЧЕ КАНДИДАТУРАТА ЗА ЦЕНТАР, ОБЈАВИ ЗАЕВ
„Како одговорен човек и политичар, секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Во договор со премиерот Заев, одлучив да ја продолжам кариерата на висока раководна позиција во централната власт и да станам дел од партијата која тој ја предводи. Со него имам одлична соработка и голема меѓусебна доверба и почитување. Токму затоа и решив да ја прифатам неговата понуда и заедно да продолжиме во нови победи“ напиша Жерновски на својот Фејсбук профил.
Жерновски минатата недела собра потписи од граѓаните за да се кандидира на локалните избори како независен кандидат доколку СДСМ не го кандидира.
Вчера премиерот Зоран Заев изјави дека СДСМ на претстојните локални избори во Центар ќе оди со кандидат од нивната партија и дека со Жерновски се договориле тој да се повлече од кандидатурата и да добие место во централната власт.
А. АНТЕВСКА