Живееме во најмала рака во деликатен и тежок глобален момент. Време е да размислуваме за тие облици на фашизам кои денес се шират низ Европа и поготово кај нас во регионот, да видиме кои се тие начини на борба затоа што не можеме да се бориме на истите начини како и нашите претци во 1930-тите и 1940-тите години на минатиот век, рече Аида Чоровиќ од Србија на синоќешниот настан во Кинотеката на Македонија, за одбележувањето на 80 години од формирањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија.
Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија е формиран на 15 декември 1944 во тогашното кино „Уранија“, денес познато како кино „Култура“ во Скопје, на Првата главна конференција за Македонија во присуство на 400 делегатки и делегати, особено благодарение на иницијативната и водечка улога на првоборките и комунистички политичарки Веселинка Малинска, Мара Нацева, Вера Циривири-Трена и Лефта Јосифовска.
Од 12 до 14 декември во Скопје се организираат повеќе настани за одбележување на јубилејот, а скопската канцеларија на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во соработка со Регионалната феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа) синоќа организираше настан со експертки и активистки од регионот заради заедничко одбележување на наследството и влијанието на АФЖ. Говореа учесничките од регионот од Феминистичката антифашистичка мрежа ФАМа Аида Колидер Агиќ (БиХ), Каролина Леаковиќ (Хрватска), Вера Клопчиќ (Словенија) Аида Коровиќ (Србија) и Санела Шкријељ од Македонија.
„Сите автори кои пишувале за жените борци, докторки, болничарки во Народноослободителната војна ги истакнуваат нивните особини: пожртвуваност, издржливост, снаодливост, верност, скромност, чувствителност, хуманост. Ги забележале нивните чувства како лично доживеани трагедии, од раното учество во борбите се насочувале кон активности за високи етички партизански принципи и таква пракса внесувале во секојдневнот живот и работа. Независно од функцијата, степенот на образование, социјалното потекло, општествена положба, своите знаења ги пренесувале во средините каде живееле и работеле. Поради нив постојано во воените единици доброволно доаѓале други жени, особено млади“, рече Чоровиќ и додаде:
„Живееме во најмала рака во деликатен и тежок глобален момент. Живееме во опкружување во кои војните се до нас, во кое сиромаштијата повторно галопира, во кое треба повторно да се бориме за правата на работниците, како и пред 100 и повеќе години. Живееме во момент кога антифашизмот ни е потребен како на крајот на 1930-тите, само што сега имаме поинаков облик на фашизам, мутиран и уште поопасен. Многу често го гледаме како борба за освојување на територии, како нов вид на неолиберално колонијално однесување. Јас доаѓам од држава каде владее еден особено гаден и перфиден облик на неолиберален фашизам. Мора да најдеме нови начини на борба, нови патишта, секако на рамената на нашите претходнички“.
Сите говорнички добија големи аплаузи, како и актерот Никола Ристановски со изведбата на авторскиот текст „Таа“ на македонската теоретичарка на уметност Искра Гешоска. Овации на крајот заслужија учениците од скопската Гимназија „Никола Карев“ со моќната изведба на „Духот на слободата“ со извадоци од текстови на Блаже Конески, Ацо Шопо и Горан Стефановски, што ја подготвиле под менторство на професорката Емилија Ристановска.
Како дел од одбележувањето на 80-годишниот јубилеј, денеска во 14 часот, во организација на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија од НОАВМ 1941-1945 и продолжувачите, во кино Фросина ќе се прикаже дел од филмскиот серијал „Народни херои од Македонија“ од архивата на МРТВ, посветен на Елпида Караманди, учесничка во НОБ.
„Настаните се обид да се воспостави култура на сеќавање на важните настани и личности од нашето, не така далечно минато, битни за нашата денешница и иднина“, вели Вера Бунтеска од Општинската организација на Сојуз на борци – Карпош.
Б. НЕСТОРОСКА