ЖРТВА СУМ НА МОЈАТА ОТВОРЕНОСТ И ДОСТАПНОСТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА РАЗГОВОРИТЕ СО РУСКИТЕ КОМИЧАРИ

    ЖРТВА СУМ НА МОЈАТА ОТВОРЕНОСТ И ДОСТАПНОСТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА РАЗГОВОРИТЕ СО РУСКИТЕ КОМИЧАРИПремиерот Заев најави дека Владата набрзо ќе излезе со итен план против специјалната акција за ширење дезинформации. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека е жртва на сопствената отвореност и постојана достапност, откако ноќеска на Јутјуб беа објавени негови разговори со руските комичари Вован и Лексус, кои го измамија дека зборува со поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

    „Жртва сум на мојата отвореност и мојата постојана достапност. На отворена линија сум секогаш со нашите стратешки партнери и граѓаните“, рече Заев на прес-конференција во Владата,

    За телефонските разговори со руските комичари, Заев вели дека станува збор за добро организирани структури за ширење влијание на трети страни и дека провокациите доаѓаат од медиуми со антинато ставови. Тој потсети дека не е прва жртва на руската двојка.

    Заев најави дека Владата набрзо ќе излезе со итен план против специјалната акција за ширење дезинформации.

    „Не сметам дека ова е случај за кој треба да понесам одговорност, бидејќи ова го правеле насекаде во светот и жртви биле и европски и светски политичари“, рече Заев.

    За содржината на разговорите, Заев вели дека нема ништо спорно, бидејќи тоа што го зборува се негови познати ставови. Рече и дека во дел од објавените разговори се извршени интервенции и се ставени во контекст да се извлечат погрешни заклучоци.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари