Лани во Македонија се случиле 4 убиства на жени (фемицид), а изминативе 10 година 115 убиства и обиди за убиства на жени, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Во моментов, се работи на увид на судските предмети за правосилно завршените предмети за да се види колку од овие случаи се фемициди.
Од Националната мрежа велат дека реинтеграцијата на жртвата е најважна, но за тоа се потребни пари, а државата не предвидува средства во буџетот. Жените кои се жртви на семејно насилство откако ќе се пријават во Центрите за социјална помош од државата добиваат само 15.000 денари еднократна помош (околу 250 евра), а за другите трошоци како изнајмување стан, режиски трошоци, храна, образование за децата, не се дава никаква помош. Токму поради тоа што нема ваква помош голем дел од жртвите повторно се враќаат кај партнерот.
„Реинтеграцијата вклучува домување, финансиска поддршка, психолошка помош, образование и вработување. Кога имаме жена која се наоѓа во економска нестабилност и кога државата ќе ѝ обезбеди домување, финансиска помош, тогаш веќе таа може да размислува за својот развој и својата иднина. Ако жртвата е економски независна, со самото тоа што ќе ги извадиме од небезбедната средина и ќе им ја овозможиме економска стабилност, децата нема да растат во насилна средина и нема да учат модели на однесувања на насилник или жртва. Во однос на реинтегреција сè уште сме на самиот почеток. Иако законот е стапен на сила во мај 2021, реинтеграцијата е предвидена со сите столбови, но за жал, државата не е посветена на ова прашање. Ова се услуги кои бараат финансиски средства, ова не е нешто што може да го обезбедиме ако од државниот буџет и буџетите на Општините не се предвидат средства. Насилството не можеме да го спречиме ако не обезбедиме финансиски средства за жртвите“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Мрежата нуди финансиска помош за жртвите односно изнајмување стан, покривање на режиските трошоци, како и набавка на храна, но велат дека нивните буџети се ограничени и не можат да ги покријат овие трошоци за сите жени и на подолг рок.
Од Национална мрежа велат дека многу е важно за жртвите да ја прифатат психолошката помош која им се нуди. За жал, кај нас таа најмалку ја користат и повеќе се фокусираат на социјална работничка и правна помош.
„Ние, генерално, не веруваме како општество во помошта на стручно лице кое е психолог или психотерапевт оти уште владее мислење дека кај психолот оди лице кое има длабоко психичко растројство или пореметување. Жртвите на семејно насилство кои прифаќаат психолошка помош многу полесно го поминуваат тој процес“, додава Димушевска.
Извeштајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската Конвенција)“ на 2 декември се разгледуваше во собраниската Комисија за еднакви права на мажите и жените. Во Извештајот се цитираат податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), дека во периодот 2018-2023 година извршени се вкупно 6.242 кривични дела за семејно насилство и тоа: убиство (33 дела), убиство во обид (14 дела), телесна повреда (3.792 дела), тешка телесна повреда (155 дела), присилба (38 дела), загрозување на сигурноста (2.179 дела), против правно лишување од слобода (29 дела) и посредување во вршење на проституција (2 дела). Податоците покажуваат дека најмногу кривични дела од вкупните се однесуваат за телесна повреда 61% и загрозување на сигурноста 35%.
А. АНТЕВСКА



