Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека ако има индиции за злоупотреби со патните трошоци од страна на пратениците, тогаш за тоа треба да покрене постапка друга институција, а не Собранието. На денешниот брифинг со новинарите, Џафери кажа дека Собранието нема инструменти да ја испитува веродостојноста на правото на пратениците да земаат патни трошоци. Собранискиот спикер вели дека тој не е ниту судија, ниту истражен орган и нема намера да изигрува полицаец и да проверува дали некој пратеник живее во Скопје, а зема патни трошоци.
„Прво и основно, со Деловникот е пропишано под кои услови се остварува правото на патни трошоци и користење стан за таа намена, значи како алтернатива. Условите се пропишани во Деловникот, при што присуството секој пратеник го докажува со потпишувањето на списокот за присуство на седница на Собранието, односно на седница на работните тела и во тој контекст никој никому не може да му го оспори тоа право, додека е таа докажана со потпис. Собранието нема други инструменти за испитување на веродостојноста на правото на пратеникот, затоа што се смета дека и уставно пратеникот не одговара пред претседателот на Собранието или пред собраниската служба“, рече Џафери.
За тоа дали се високи или не патните трошоци кои што им се исплаќаат на пратениците, тој вели дека такви законите.
За манипулации со патните трошоци е обвинета поранешната пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева. Таа е обвинета за продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 став 3 од Кривичниот законик. Според обвинението, таа земала патни трошоци како да патува од Струмица, иако престојувала во станови во Скопје. Судскиот процес е во тек.