ЗНАЦИ ИМА ДОВОЛНО НА ДЕМИР КАПИЈА-СМОКВИЦА, КОЈ ПОЛОЖИЛ ЗНАЕ ДЕКА ЗА АВТОПАТ СЕ СЛЕДАТ ЗЕЛЕНИТЕ ТАБЛИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЈП ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

    ЗНАЦИ ИМА ДОВОЛНО НА ДЕМИР КАПИЈА-СМОКВИЦА, КОЈ ПОЛОЖИЛ ЗНАЕ ДЕКА ЗА АВТОПАТ СЕ СЛЕДАТ ЗЕЛЕНИТЕ ТАБЛИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЈП ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА„Странците немаат проблем со движење на новиот автопат. Тие ја почитуваат и пропишаната брзина за движење, особено во тунел, што пак не е случај со домашните возачи“, вели Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.- новиот автопат Демир Капија Смоквица (Фото: Ѓ.Личовски)

    По реакциите на граѓаните на социјалните мрежи дека нема доволно сообраќајни знаци на новиот автопат „Пријателство“ од  Скопје до Гевгелија, на делницата од Демир Капија кон Смоквица, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов вели дека тоа не е точно и дека има доволно патокази.

    Според него, знаци има доволно и возачите за да стигнат до граничниот премин Богородица треба само да ги следат зелените табли на кои пишува Скопје-Атина.

    „За да не излезат од автопатот доволно е да ги следат зелените табли на кои пишува Скопје-Атина. Секој возач, кој има положено и има возачка, знае дека на автопат се следат знаците со зелена боја, а жолтите се за регионални патишта“, вели Китанов.

    Вчера и денес социјалните мрежи се преплавени од коментари дека сообраќајни знаци нема доволно и дека упатството од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) за користење на делницата Демир Капија – Смоквица во правец од Скопје кон Гевгелија, со кое им се препорачува на возачите да се исклучат за Скопје на клучката пред Демир Капија, а потоа да се спуштат под надвозникот и продолжат право кон Гевгелија, на терен е неприменливо, а поставените знаци се збунувачки. Во дел од коментарите стои дека недоволниот број сообраќајни знаци особено ќе ги погоди странците што минуваат низ нашата земја, бидејќи ним не им е позната делницата.

    „Тоа не е точно. Од она што го гледаме на терен странците немаат проблем со движење на новиот автопат. Тие ја почитуваат и пропишаната брзина за движење, особено во тунел, што пак не е случај со домашните возачи“, вели Китанов.

    Тој кажа дека го реконструираат и стариот пат Неготино-Демир капија во двата правца, и дека досега се обновени 6,5 километри во правец од Неготино кон Демир Капија.

    „До 15 мај ќе ги завршиме и останатите два километри од овој пат, кој е целиот со дупки, а до среда клучката кај Неготино ќе ја поместиме нагоре по патот за 4 километри и возачите нема да имаат никаков проблем да стигнат до Гевгелија. До јуни пак ќе заврши и реконструкцијата на 8,5 километри од стариот пат во правец Демир Капија-Неготино“, вели Китанов.

    Е. БОЧВАРОВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари