ЗНМ ГО ОСУДИ НАПАДОТ НА НОВИНАРКАТА САДИКУ ОД НЕЗАВИСНИОТ КАНДИДАТ ВО КИЧЕВО ФАТМИР ЛИМАНИ, ПОДДРЖАН ОД 100-ТИНА ДРУГИ МАЖИ

    ЗНМ ГО ОСУДИ НАПАДОТ НА НОВИНАРКАТА САДИКУ ОД НЕЗАВИСНИОТ КАНДИДАТ ВО КИЧЕВО ФАТМИР ЛИМАНИ, ПОДДРЖАН ОД 100-ТИНА ДРУГИ МАЖИАко ваквите инциденти се толерираат, во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, укажува ЗНМ (Фото:ТВ21)

    Здружението на новинарите на Македонија го осуди јавниот понижувачки однос, како што вели, на независниот кандидат за градоначалник за општина Кичево Фатмир Лимани кон новинарката Салије Садику од ТВ21во неделата вечер, по завршување на гласањето. Бара јавните лица да внимаваат на нивниот однос посебно кон жените новинарки во државата.

    Додека новинарката Салије Садику, известувала за локалните избори, се соочила со непријатна ситуација проследена со агресивен говор и обвинувања од страна на независниот кандидат од Кичево Фатмир Лимани, кон неа лично и кон телевизијата ТВ 21.

    „Колешката Садику била присутна на настанот со цел да пренесе на граѓаните информации од изборните циклус и наместо да добие одговор од кандидатот, таа била грубо навредувана, а потоа исвиркана од толпата. Според Садику, стотина симпатизери кои го поддржуваат Лимани кои биле присутни во моментот на инцидентот, ноќта на 17 октомври, ракоплескале кога се случил настанот“, реагира ЗНМ.

    Садику во ЗНМ кажала како била нападната.

    ,,Во неделата екипата на ТВ21 заедно со екипите на ТВ Клан и МТВ бевме во штабот на Лимани во 20:00 часот, од таму шефот на кабинетот Бејтула Емини ни рече дека сеуште не се подготвени, но и ќе ги чекаат резултатите. По неколку часа откако се вратив да земам изјава од кандидатот тој пред присутните стана и со висок тон почна да вика кон мене со зборовите: ‘Вие сте најлошото нешто што им се случило на граѓаните, вие сте крвопијци. Вие сте виновни што Кичево стигна во оваа ситуација каде се наоѓа. Вие сте со власта и работите еднострано’… Јас се повлеков наназад и во тој момент присутните кои беа повеќе од 100-тина лица започнаа со гласен аплауз и кон мене извикуваа со извици уууууу…” ја пренесува ЗНМ изјавата на Садику.

    ЗНМ смета дека ако ваквите инциденти се толерираат, во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира