На 24 декември 2018, на Ватсап комуницирале потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, која е обвинета во случајот „Меѓународен сојуз“ и обвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13, што како доказ денеска беше презентирано на судењето од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Дента, Ременски му пишува на Боки: „Моите информации велат дека утре Апелација ќе одлучи за притворот на Орце“.
Јованоски ѝ пишува кусо: „Не“, на што таа му враќа: „Дај боже“.
Потоа таа во друга порака му ги реди имињата на апелационите судии кои требало да одлучуваат за притворот на Камчев: „Сафет, Цветанка Периќ, Јани Нича“.
Во нова порака таа му пишува на Боки: „Наводно утре ќе одлучуваат за Орце, провери го ова“.
На 28.6.2019 Ременски му пишува на Боки: „Антонио постави прашање во Собрание. Слушај одговор“.
Боки: „Што“.
Ременски: „За Камчев, сега одговара З.З.. На трет канал МРТВ“.
Боки: „Слушам. Што одговара?“.
Ременски: „Бог да чува“.
Боки: „Уште прашува?“.
Ременски: „Кул!“.
Во продолжение, Јовановски констатира дека Заев зборува нешто што ним двајца не им се допаѓа.
Боки: „Па он кажува дека ќе има истрага“.
Ременски не одговара, а во следната порака, Боки ѝ пишува: „Направи катастрофа“
Ременски му враќа: „?“.
Останува непознато дали таа направила катастрофа и ги измешала работите или Заев, според Боки, е тој што направил катастрофа.
Овие пораки се од вештачењето во МВР на мобилниот на обвинетиот Бојан Јовановски.
- ВИДИ ЗА ТАТО, ЛИЛЕ НЕ ДАВА СОГЛАСНОСТ, МУ ПИШАЛ ДЕЈАН ПАНДЕЛЕСКИ НА БОКИ ЗА „ИМПЕРИЈА“
- ЛИЛЕ НЕ МИРУВА И ЗОКИ ЧИТАМ ГЛУПОСТИ ЗБОРЕЛ, МУ СЕ ЖАЛЕЛ КАМЧЕВ НА БОКИ
- БОКИ И МАЈКА МУ ОТИШЛЕ НА ШОПИНГ ВО МИЛАНО ДВА ДЕНА ОТКАКО ГИ ЗЕЛ ТОРБИТЕ ОД КАЈ КАМЧЕВ
- КАМЧЕВ ГИ СНИМАЛ БОКИ И КИЧЕВСКИОТ СО ТРИ КАМЕРИ, СЕ ЧЕКА СНИМКА ДАЛИ БРОЕНИТЕ ПАРИ СЕ СТАВААТ ДИРЕКТНО ВО ТОРБИТЕ ШТО ГИ ИЗНЕСУВААТ ДВАЈЦАТА
- ШТО МЕ ГЛЕДАШ, СЕ СМЕЕШ НА МАЛИГНОЗНА СОСТОЈБА, ГОСПОД НЕКА ТИ ВРАТИ, Ѝ ВИКАШЕ БОКИ 13 НА ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА
Фросина Ременски е обвинета во случајот „Меѓународен сојуз“, именуван по невладината организација на Боки 13, и се товари дека му помагала на Боки како високопозиционирано лице во власта на средбите со бизнисмените да ги измами дека ќе гради старечки домови и да им земе нов милион евра.
Судењето за „Меѓународен сојуз“ допрва треба да почне, а ова за „Рекет“ продолжува утре со презентација на нови докази на обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА