Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека ако Зоран Заев ја предлага Вилма Рускоска за шефица на новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција, тогаш тие го предлагаат поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски. За судијата Панчевски, кого Судскиот совет минатата недела го суспендираше додека трае постапката за негово разрешување, Мицкоски кажа дека е човек со репутација и кредибилитет.
„Таканаречениот репрезент на Рускоска обвинителство. Тоа е исто како ние сега да предложиме човек кој навистина има репутација, кој има кредибилитет, кој е биран со години дека е најдобар меѓу луѓето кои се репрезенти во таа фела. Тоа е господинот Владимир Панчевски. Зошто да не го избереме него? Зошто тоа да не биде човекот кој ќе го води тоа ново обвинителство?“, изјави Мицкоски во гостувањето на телевизија „Сител“.
Претходно денеска, Заев кажа дека тој не ја предложил Вилма Рускоска за шефица, туку само кажал кој во моментов е на чело на Обвинителството за организиран криминал и корупција, кон кое ќе се припои Специјалното јавно обвинителство со предложениот Закон за Јавно обвинителство.
Паралелно со постапката на Судскиот совет, Основното јавно обвинителство Скопје на почетокот на месецов поднесе обвинение против Панчевски за местење судски предмети.