193.000 ЕВРА ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ ИМ СЕ ИСПЛАТЕНИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ЗА 9 МЕСЕЦИ „ЧУКНИ КАРТИЧКА – БЕГАЈ!“

    193.000 ЕВРА ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ ИМ СЕ ИСПЛАТЕНИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ЗА 9 МЕСЕЦИ „ЧУКНИ КАРТИЧКА – БЕГАЈ!“Рекордери во наплатени патни трошоци држат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ - од протестите за преговорите со Бугарија- (Фото. К. Попов)

    За најмрзливите три месеци откако е овој пратенички состав, за февруари, март и особено за април кога дел од нив доаѓаа само да ја чукнат картичката и да се изгубат од Собранието, исплатени се патни трошоци во износ 73 илјади евра.

    Вкупно, од конституирањето на Собранието во август лани, овој најнеефикасен пратенички состав, ја чини државата речиси 200 илјади евра заклучно со април. Си тече исплатата и за мај, иако седници има многу ретко, а ни комисиите не се искршија од работа.

    Во април беше најхорор, кога пратениците од опозицијата стоеја пред вратата на пленарната сала и не влегуваат да работат. Спикерот Талат Џафери ги молеше да влезат во салата, ги потсетуваше дека е срамота да доаѓаат само да „се чукнат“ за патни трошоци и да не работат.

    Но баш за април се и рекордните суми исплатени патни трошоци.

    Рекордерот во наплатени патни трошоци го држи пратеникот Дајанчо Ефтимов (ВМРО-ДПМНЕ) од Василево. За 8 месеци од собраниската каса наплатил 7.620 евра. За февруари, март и април, за кога САКАМДАКАЖАМ.МК ги доби најновите податоци од сметководството на Собранието, Ефтимов зел 2.750 евра за патни трошоци.

    На второто место е пратеникот Петар Ристески (ВМРО-ДПМНЕ) од Прилеп во април зел патни трошоци многу поголеми од неговата пратеничка плата од околу илјада евра. Ристески само за април зел чисти 86.836 денари патни трошоци, плус плата, а вкупно за февруари, март и април, 3.186 евра. За 9 месеци откако е пратеник, подигнал 7.278 евра од Собранието.

    Речиси иста сума за нецела година од овој мандат, зел и пратеникот Сурија Рашиди (Алијанса за Албанците) од Радолишта. Досега наплатил 7.174 евра само за патни трошоци. За непродуктивните февруари, март и април Рашиди зел 2.397 евра.

    Струмичката пратеничка Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, досега подигнала 6.131 евро, а за февруари, март и април, кога не влегуваа нејзините колеги во пленарната сала само за да нема кворум за работа, „остварила“ 2.163 евра патни трошоци.

    Според висината на исплатените суми, следи пратеничката Ангелинка Петкова (ВМРО-ДПМНЕ) од Гевгелија. За трите месеци зела 2.262 евра, а од август досега 5.800 евра надомест за патни трошоци.

    Следи пратеничката од СДСМ Соња Михаиловска од Делчево, со вкупно 5.252 евра подигнати за патни трошоци од август до април.

    Нејзината сопартијка Драгица Ѓавочанова од Гевгелија за февруари, март и април, кои се целосни податоци, подигнала 2.126, а вкупно 5.144 евра.

    Сите овие пратеници за кусо време спечалиле солидно учество за нов автомобил.

    По редослед, блиску до гевгеличанките се и: Миле Лефков (ВМРО-ДПМНЕ) од Кочани со 2.144 евра за трите месеци и 4.800 евра од август досега, потоа Панчо Минов (СДСМ) од Кавадарци со 1.474, односно со 4.663 евра за патни трошоци, Зоранчо Јованчев (ВМРО-ДПМНЕ) од Кавадарци со 1.650 евра за трите месеци и вкупно 4.218 од август досега и Мирче Аџиоски (ВМРО-ДПМНЕ) со 2.008 или вкупно 4.117 евра откако е пратеник од август, но до април.

    Лолита Ристова од СДСМ од Неготино има земено вкупно 4.064 евра досега. Арбана Пашоли од ДУИ, која доаѓа од Дебар, од август лани до април подигнала 4.037 евра за патни трошоци.

    Дафина Стојановска (ВМРО-ДПМНЕ) од Гостивар зела вкупно 3.908 евра, од кои 1.473 се за патни трошоци за февруари, март и април, кога пратеничката група ја немаше на седниците.

    Деновите кога требаше да се донесе пакетот мерки за помош на граѓаните и на стопанството во април, Собранието го достигна дното. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му правеа влези-излези на Џафери, додека тој ги повикуваше да влезат во салата, да не стојат пред врата или да се приберат Градскиот трговски центар, кога веќе се потпишале во сметководството за патни трошоци. На крајот, дојдоа двајца заразени пратеници од коронавирус од СДСМ во скафандри и се изгласа помошта.

    „Цел ден ми тупите овде со медиумите, Талат, Талат, Талат… Еве ви го Талат. 101 пратеник се потпишани овде, ќе земете патни трошоци. Четири години ве бранам дека тоа не е така, но сами си се удирате од глава и не се вразумувате. Не може да ве викам секој ден тука, да плаќаме патни трошоци за 100 пратеници, а на седница да има 50 пратеници, 58, 59 пратеници. Зошто? Зашто така решил извршниот комитет на некоја партија. Ќе почекаме да оздрават пратениците од мнозинството, па ќе ги донесеме законите“, викаше нервозен Џафери во април.

    Последен пат собраниска седница имаше на 10 јуни. Тогаш како да се распуштија пратениците заедно со учениците и средношколците. Денеска треба да се одржи таа за пратенички прашања, што се одржува еднаш месечно.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира