Почетокот на денешното судење за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски од одмазда, кое е на самиот крај, почна со нови блокади од обвинетите и нивните адвокати, поради што судијата Огнен Ставрев досега има изречено три казни по 2.000 евра.
Првин, обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски кажа дека синоќа по судењето кое траеше до доцна вечерта го откажал полномоштвото на адвокатот Боро Тасевски бидејќи, како што кажа, не го предупредил дека може да се случи вакво нешто и не можел да спреми одбрана за 13 часа. Потоа, казна му одреди и на Мерџан Даути, адвокатот на обвинетата Елисавета Најдовска, кој таа во последен момент го најми за да бара превод на албански на целиот предмет, што би траело најмалку 6 месеци.
Во негово отсуство, Ставрев му изрече казна од 2.000 евра, а истата сума му ја изрече и на адвокатот Донче Наков, кој не се појави на денешното продолжение на „ТНТ“ поради тоа што имал обврски во друг суд. Сите се казнети за непочитување на судот. Тука се само адвокатот на првообвинетиот Никола Груевски, кoј судот го одреди по службена должност, и адвокатот на второобвинетиот Миле Јанакиески.
- СУДЕЊЕТО ЗA УРИВАЊЕTO НА „КОСМОС“ ПО НАРАЧКА НА ГРУЕВСКИ ТРАЕШЕ ДО 20.30 ЧАСОТ, ДЕНЕС СЕ СОСЛУШУВААТ ОБВИНЕТИТЕ, ПА ПРЕСУДА
- АДВОКАТОТ КОЈ СЕ ОБИДЕ ДА ГО ЗАКОЧИ „ТНТ“ СО ПРЕВОД НА АЛБАНСКИ СЕГА КАКО ИЛИЈА ДИМОВСКИ СЕ БУНИ ЗА ВОЗРАСТА НА ПОРОТНИЧКИТЕ
- НОВИОТ АДВОКАТ ВО „ТНТ“ МЕРЏАН ДАУТИ НЕ СЕ ОТКАЖУВА ДА БАРА ПРЕВОД НА ЦЕЛИОТ ПРЕДМЕТ СО ШТО БИ СЕ ПРЕКИНАЛ СУДСКИОТ ПРОЦЕС НА САМИОТ КРАЈ
Според однесувањето на обвинетите и адвокатите, по секоја цена се настојува да се дојде до рокот кога на едниот од поротниците му истекува мандатот. Со промена на поротникот, судењето се враќа сосема на почеток од воведни зборови и изјаснување за вина на обвинетите и сè што е направено за овие две години не важи. Со тоа би се одолговлечил и застарел случајот.Во „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.
С. К. ДЕЛЕВСКА