НИ СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА, НИ МИЦКОСКИ НЕ СЕ МЕЃУ ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ КАЈ МАКРОН ЗА ДЕНОТ НА БАСТИЛЈА, МАКЕДОНИЈА ЈА ПРЕТСТАВУВА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БЕКИМ САЛИ

    НИ СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА, НИ МИЦКОСКИ НЕ СЕ МЕЃУ ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ КАЈ МАКРОН ЗА ДЕНОТ НА БАСТИЛЈА, МАКЕДОНИЈА ЈА ПРЕТСТАВУВА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БЕКИМ САЛИПокрај домаќинот, францускиот претседател Емануел Макрон, на настаните учествуваат околу триесетина европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск. (Фото: Кабинет на францускиот претседател)

    Министерот за европски прашања и вицепремиер, Беким Сали, наместо претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, или премиерот Христијан Мицкоски ја претставува Македонија на официјалните манифестации во Париз со кои Франција го одбележува својот национален празник, 14 Јули – Денот на Бастилја. Покрај домаќинот, францускиот претседател Емануел Макрон, на настаните учествуваат околу триесетина европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск, украинскиот претседател Зеленски. Меѓу гостите се и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

    Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во неделата беше на Галичка свадба и на отворањето на Охридско лето, а премиерот Христијан Мицкоски беше зафатен во парламентот за гласањето за реконструкција на Владата.

    Сали ќе ја следи и традиционалната воена парада која годинава се одржува под мотото Стратешкото будење на Европа, со цел да се прикаже заедничката посветеност кон мирот, стабилноста и посилната соработка на континентот.

    Како што соопштија од  неговиот кабинет, тој ќе се вклучи во состанокот на Коалицијата на волонтерите, каде главни теми на разговор меѓу лидерите ќе бидат натамошната поддршка за Украина, усогласувањето на активностите за зајакнување на европската безбедност и моменталните безбедносни предизвици на континентот.

    Францускиот претседател Емануел Макрон организираше официјална вечера во Елисејската палата за шефовите на држави и влади од партнерските земји, на која беше и македонскиот министер.

    Пред две години, претседателката Сиљановска Давкова не присуствуваше на отворањето на Олимпијадата во Париз, иако беше поканета од Макрон. Тогаш, таа кажа дека не отишла затоа што добила писмо од професори на Природно математичкиот факултет (ПМФ) да им помогне да можат нашите натпреварувачи пристојно да учествуваат на олимпијадите по математика и по физика.

    Истата година, претседателката не отиде ниту на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам, каде што беа собрани светските лидери, поради дефект на владиниот авион, како што соопштија тогаш од нејзиниот кабинет.

    Премиерот Христијан Мицкоски се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц  минатиот месец на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Тиват, Црна Гора. Тој тогаш рече дека е задоволен од средбите со нив  на кои меѓу другото се разговарало и за уставните измени. Мицкоски во изјава за медиумите на Самитот  рече дека земјите членки имаат разбирање за нашите ставови.

    Подоцна, по враќањето во Скопје тој рече дека е оптимист по Самитот затоа што само тој од лидерите од Западен Балкан имал билатерални средби со Макрон и Мерц.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира