Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која значително се зголемуваат максималните малопродажни цени на нафтените деривати. Од ноќеска на полноќ, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и Екстра лесното масло за домаќинство, ќе се продаваат по цена повисока за седум денари по литар. Малопродажната цена на дизелот се зголемува за шест и пол денари, додека мазутот поскапува за речиси пет денари по килограм.
Според новиот ценовник, литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 86,50 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 88,50 денари. Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе биде 92 денари за литар, а на Екстра лесното масло 89,50 денари. Мазутот ќе се продава по 47,453 денари за килограм.
Од Комисијата велат дека овие поскапувања се последица на растот на берзанските цени на нафтените производи на светските пазари, како и на постојаниот раст на курсот на доларот во однос на денарот во изминатиот петодневен период. Иако станува збор за утврдување на максималните цени, РКЕ ги повика нафтените компании да ги намалат малопродажните цени за два денари по литар, повикувајќи се на договорениот попуст меѓу Владата и главниот добавувач „Окта“.
Минатиот понеделник исто така имаше значителен пораст на цените кога дизелот поскапе за 14 денари, а бензините за пет денари по литар.



