БОКИ 13 ИМАШЕ ИНФОРМАЦИИ, КОГА СОПРУГОТ ЌЕ БИДЕ ОДНЕСЕН ВО СЈО, КОИ СЕ СВЕДОЦИ, СВЕДОЧИ АНА КАМЧЕВА НА „РЕКЕТ“

    БОКИ 13 ИМАШЕ ИНФОРМАЦИИ, КОГА СОПРУГОТ ЌЕ БИДЕ ОДНЕСЕН ВО СЈО, КОИ СЕ СВЕДОЦИ, СВЕДОЧИ АНА КАМЧЕВА НА „РЕКЕТ“„Јанева даваше инструкции и кој адвокат да дојде во СЈО“, сведочеше Камчева. - Првообвинетиот Боки 13 и сведокот Ана Камчева на денешното судење за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Откако во петокот на судењето за „Рекет“ Орце Камчев во четиричасовно сведочење зборуваше како бил рекетиран од првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки13 и како му платил 1,5 милион евра за да му ја олесни специјалната обвинителка Катица Јанева положбата во истрагата за „Империја“ и кажа дека е жртва, а не давател на поткуп, денеска во Кривичниот суд сведочи неговата сопруга Ана Камчева.

    Јовановски, пак, во петокот во вкрстени прашања докажуваше дека ниту бил присутен на броење наводен милион евра, ниту во торбата што се гледа на приватните видео снимки имало евра.

    „Се сеќавам по апсењето на сопругот Орце Камчев, кога дојде во суд, на недоличното однесување на обвинителката Лиле Стефанова. Јанева ја видов за првпат. Даде изјава за новинарите, а ние уште немавме добиено решение за притвор. По неколку дена, ми се јави Зоран Милески, организирал средба со адвокатот Васил Димишков. Отидовме заедно во неговa канцеларија во Капиштец. Бевме тројцата. Димишков рече дека неговата сестра Весна Димишкова е блиска со Стефанова, а имала и врски со некои амбасади. Рече дека тој сега би му помогнал, ама би чинело 2, 4 или 6 милиони евра. Плачев. Рече да се сретнеме повторно, да се сретнам со сопругот и да го информирам за крајната цена. Побара преку Милески 6 милиони евра за поблага мерка“, сведочеше Камчева.

    Таа кажа дека тие денови околу 15.11.2018 ѝ се јавил Милески, кој бил вознемирен и инсистирал да се видат во „Александар Палас“. Рече дека ја терал да кружат околу хотелот, за да не ги прислушуваат.

    „Рече му се јавил Јовановски за текст за Лазар Јанев, синот на Катица. На телефонот на Милески, се слушнав со Јовановски. Рече не е во ред ова што излегло во ’Сведок‘ за Лазар, жената и да сакала, сега не можела да помогне. Тогаш сфатив за блискоста на Јовановски и Јанева. Новата средба беше во 1ТВ. Бојан на момчето што работеше на лаптоп му кажа да излезе. Беше тоа Лазар Јанев. Зборевме за проекти, за модни центри и за старечки домови. Директор на модните центри, рече Бојан, ќе бил Јанев. Во сите следни средби што ги имавме, Бојан имаше информации, кога сопругот ќе биде однесен во СЈО, кои се сведоци, а се слушаше и со неа. На спикерфон таа му даваше упатства“, раскажуваше Камчева.

    Таа кажа дека на првата средба Боки 13 не побарал пари од неа, а на сите средби била со Милески. По вториот или третиот состанок, рече дека Боки 13 ѝ побарал 500.000 евра.

    „Јанева даваше инструкции и кој адвокат да дојде во СЈО“, вели Камчева.

    Додека сведочеше Камчева, Боки 13 доби нагон за повраќање и го однесоа во тоалетите. Судијката Васка Николовска-Масевска го прекина судењето дури првообвинетиот не поврати.

    Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира