БРАКОТ ТРЕБА ДА БИДЕ СЛОБОДЕН ИЗБОР, А НЕ ДАНОЧНА ОБВРСКА, ВЕЛИ МРЕЖАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ЗА НАЈАВАТА НА МИЦКОСКИ ЗА ДАНОК ЗА НЕЖЕНЕТИ И НЕМАЖЕНИ

    БРАКОТ ТРЕБА ДА БИДЕ СЛОБОДЕН ИЗБОР, А НЕ ДАНОЧНА ОБВРСКА, ВЕЛИ МРЕЖАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ЗА НАЈАВАТА НА МИЦКОСКИ ЗА ДАНОК ЗА НЕЖЕНЕТИ И НЕМАЖЕНИНаместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство, велат од Мрежата за заштита од дискриминација. (Фото: К. Попов)

    Мрежата за заштита од дискриминација ја осуди најавата на премиерот Хистијан Мицкоски дека Владата размислува за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица, ипредупреди дека тоа е закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода. Мицкоски мпжноста за ваков данок ја најави на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, зборувајќи за демографската рецесија во земјава за која рече дека е аларм.

    Од Мрежата велат дека животниот стил не е основа за оданочување и оти во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.

    „Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

    Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи:„Ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина. Го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности. Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи. Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост“.

    „Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија. Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација..

    Од таму ја повикуваат Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус.

    Според Законот за семејство во земјава: „Заедница на живот на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница“. А исто така и „Имотот кој вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачна заедница се смета за нивeн заеднички имот. При делбата на тој имот соодветно се применуваат одредбите за делба на заедничкиот имот на брачните другари“.

    Во развиените земји неофицијално постои таканаречен „данок за самци“, но ова не е официјален данок што се плаќа некому конкретно. Едноставно се однесува на повисоките трошоци со кои се соочуваат самците во споредба со паровите или семејствата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира