БРЗАТА ПОМОШ ИНТЕРВЕНИРАШЕ НЕКОЛКУПАТИ ПРЕД „АЛТА БАНКА“ ВО БИТОЛА ОТКАКО ПОВТОРНО СЕ ОТВОРИЈА ШАЛТЕРИТЕ ЗА КЛИЕНТИ

    БРЗАТА ПОМОШ ИНТЕРВЕНИРАШЕ НЕКОЛКУПАТИ ПРЕД „АЛТА БАНКА“ ВО БИТОЛА ОТКАКО ПОВТОРНО СЕ ОТВОРИЈА ШАЛТЕРИТЕ ЗА КЛИЕНТИПред експозитурата и денеска имаше гужва, а дојдоа и граѓани кои не добиле СМС-пораки на мобилните телефони (Фото: СДК.МК)

    Во присуство на полиција, денеска повторно се отворија шалтерите на „Алта банка“ АД Битола. Претпладнево се услужуваа само клиенти без платежни картички кои претходно добиле СМС-пораки и можеа да подигнат најмногу по 20.000 денари. Иако беше најавено дека ќе се исплаќа и социјална помош, парите сè уште не беа пристигнати.

    Пред експозитурата и денеска имаше гужва, а дојдоа и граѓани кои не добиле СМС-пораки на мобилните телефони. Брзата помош интервенирала неколкупати откако им се слошило на луѓе кои чекале во метежот.

    Полициско обезбедување имаше кај банкоматот, а на влезот во експозитурата стоеше обезбедувањето на банката. Внатре се пропуштаа само клиенти кои добиле СМС-пораки. Во нив не беше наведен точен термин за јавување на шалтерот, туку само временскиот интервал од 8 до 12 часот.

    „Дојдов да подигнам 10.000 денари од банкоматот, но ми вели дека сумата е надмината, а немам земено ниту денар од пензијата. Како ќе живеам овој месец? Имам сметки за плаќање, лекови“, рече битолчанецот Пецо Николовски.

    Други граѓани бараа да се отвори посебен шалтер, на кој пензионерите ќе можат да добијат потврди потребни за да ја префрлат пензијата во друга банка.

    „Не бива ништо од ова. Нека го решат случајот и нека нè префрлат во други банки, барем следната пензија да си ја земеме“, велат битолчани.

    За префрлање во друга банка, освен отворање нова трансакциска сметка, за што и понатаму има гужви во другите филијали, потребно е да се извади и потврда од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. И таму денеска имаше навала на пензионери и се чекаше во редици.

    Иако вработените ги услужуваа граѓаните брзо и им излегуваа во пресрет, пристапот до канцелариите на третиот кат беше проблем за повозрасните лица и лицата со попреченост. Во зградата нема лифт, па мораа да се качуваат по десетици скали.

    „Во Фондот за 10 минути извадивме потврда, но уште толку време потрошивме по скалите и темните ходници“, велат битолчани.

    Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола, откако на матичната банка во Белград ѝ беше одземена лиценцата за работа и беше отворена стечајна постапка. Оттогаш, клиентите во битолската банка можат да подигнуваат најмногу по 10.000 денари неделно од банкомат, додека оние без платежни картички можат да добијат до 20.000 денари на шалтер. Граѓаните сè уште не можат да располагаат со своите штедни влогови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира