БУГАРСКИОТ АНТИМАКЕДОНСКИ НАЦИОНАЛИСТ ЏАМБАСКИ СО НАЦИСТИЧКИ ПОЗДРАВ ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ

    БУГАРСКИОТ АНТИМАКЕДОНСКИ НАЦИОНАЛИСТ ЏАМБАСКИ СО НАЦИСТИЧКИ ПОЗДРАВ ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТПред нацистичкиот поздрав, Џамбаски ги нападна своите колеги во европарламентот за време на расправата за владеењето на правото во Полска и Унгарија. (Фото: Твитер/ принтскрин)

    На дебатата во Европскиот парламент во Стразбур, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по антимакедонските ставови и гласен поддржувач на ветото за почеток на преговорите со ЕУ, предизвика скандал со нацистички поздрав пред да си замине од пленарната сала за време на расправата за владеењето на правото во Полска и Унгарија.

    Џамбаски претходно ги нападна своите колеги во европарламентот и застана во одбрана на владејачките партии во Полска и Унгарија, пред да ја „поздрави“ потпретседателката на ЕП Пина Пичерно, која во тој момент претседаваше со пленарната сесија.

    „Нема никогаш да се согласиме со вашата агенда, агендата на сите што сакаат да ја уништат Европа трансформирајќи ја во нешто друго. Да живеат Фидес, Качински, Бугарија“, кажа Џамбаски.

    Пичерно набрзо потоа твитна дека веднаш го осудила потегот на Џамбаски и побарала да биде санкциониран.

    „Европскиот парламент е жив споменик на демократијата против варваризмот на нацифашизмот“, напиша таа.

    Џамбаски да биде санкциониран побара и Манфред Вебер, претседавачот на ЕПП, најголемата групација во европарламентот.

    „Во име на ЕПП, ова го осудувам најстрого можно.  Ова е спротивност на сè што значи Европскиот парламент и бараме веднаш да бидат изречени санкции“, твитна Вебер.

    Џамбаски е член на ВМРО-БНД и на групацијата ЕЦР во европарламентот, составена од претежно десничарски партии, како унгарската Фидес, полската Закон и правда и шпанската Вокс.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира