По околу еден час сведочење, водителката Лила Филиповска, во чие присуство Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули беше уапсен со торба евра на граничниот премин Богородица го напушти Обвинителството за организиран криминал и корупција. На новинарски прашања во врска со распитот за аферата „Рекет“, таа се смееше и неколку пати само кажа „чао друштво“, а на еден од снимателите му рече да пази да не ѝ ја растури фризурата. Потоа таа си замина.
Обвинителството денеска продолжува со распит на клучни сведоци, како што ни беше кажано, за случајот „Рекет“.
Во истрагата „Рекет“, која почна со апсењето на Јовановски, досега има тројца осомничени и сите се во притвор. Меѓу нив е и специјалната обвинителка Катица Јанева. Истовремено со Боки 13, лишен од слобода беше и второосомничениот Зоран Милески – Кичеец.
Предистрагата за „Рекет“, е почната неколку месеци пред апсењата, откако премиерот Зоран Заев и кажал на Рускоска оти осомничениот бизнисмен Орце Камчев му се жалел оти бил рекетиран од Јовановски и Кичеец, со помош на специјалната обвинителка Катица Јанева. Три месеци обвинителството собирало докази од банкарски сметки, биле барани сефови во банки, имало потрага за лоцирање на изгубениот телефон на Јанева, па дури по финансиската истрага почнаа апсењата.
С. К. ДЕЛЕВСКА