ЧЛЕНСТВОТО НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО Е НАЈЛОШИОТ КОШМАР НА РУСИЈА, КАЖА ПОРТПАРОЛОТ НА ПЕНТАГОН ПРЕД ПОСЕТАТА НА НЕГОВИОТ ШЕФ МАТИС НА СКОПЈЕ

    ЧЛЕНСТВОТО НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО Е НАЈЛОШИОТ КОШМАР НА РУСИЈА, КАЖА ПОРТПАРОЛОТ НА ПЕНТАГОН ПРЕД ПОСЕТАТА НА НЕГОВИОТ ШЕФ МАТИС НА СКОПЈЕАмериканскиот секретар за одбрана Џејмс Матис денеска во Скопје ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска. (Фото: АП)

    Кога ќе дојде денеска во Скопје, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ќе ги повика македонските граѓани да гласаат на референдумот и, исто така, ќе ги истакне петте милиони долари што ги обезбедува САД годишно за безбедносна поддршка, вели портпаролот на Пентагон Ерик Пеон.

    „Русија се обидува да ги убеди Македонците дека Западот ќе ги напушти, дека Русија е стабилното влијание во регионот. Тоа едноставно не е вистина. Промената на името и влегувањето на земјата во алијансата ќе го намали влијанието на Москва. Зачленувањето на Македонија во НАТО е еден од најлошите кошмари на Русија“, изјави Пеон за „Њујорк Тајмс“.

    Во најавата на американскиот весник на посетата на Матис се цитираат западни дипломати, кои велат дека 40 нови сајтови се појавуваат дневно на Фејсбук да ги охрабрат луѓето да го бојкотираат референдумот. Овие сајтови, кои потекнуваат надвор од земјата, се вклопуваат во шемата на руското влијание на други избори, велат дипломатите.

    Во земја главно поделена по етнички линии, пишува „Њујорк Тајмс“, некои од сајтовите намерно подгреваат тензии со албанското малцинство, евоцирајќи спомени од вооружениот конфликт од 2001 година. „Ќе дозволите ли Албанците да ви го сменат името“, е честа тема.

    Американски разузнавачи велат дека Русија, исто така, ангажирала локални фудбалски навивачи и моторџиски банди да се противат на менувањето на името.

    „Русите ги финансираат противниците на договорот за промена на името и ги поддржуваат националистичките политичари кои се против договорот“, вели Мајкл Карпентер, поранешен функционер во администрацијата на Обама, сега дел од „Пен Бајден центарот за дипломатија“.

    Под претпоставка да успее референдумот и да биде променет македонскиот устав, договорот потоа оди на одобрување во грчкиот парламент. Грчки функционери ја обвинуваат Москва за мешање и реагираа со протерување на двајца дипломати.

    „Тие трошат пари во Грција, обидувајќи се да го зголемат отпорот кон прашањето за името на Македонија. Секаде кај што има процеп ќе го искористат“, вели Бен Хоџис, поранешен командант на Американската армија во Европа, кој сега е во „Центарот за анализа на европска политика“.

    Кога Матис ја најави посетата на Македонија минатата недела, тој кажа дека доаѓа да ја поддржи Македонија пред престојниот референдум за името и за влез во ЕУ и НАТО, но и да ја изрази загриженоста од можно руско мешање во гласањето.

    „Тоа ме загрижува… Тој вид пакост што Русија го практикува од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на специфична ситуација и отсекогаш бил неприфатлив“, рече Матис најавувајќи ја посетата.

    Тој доаѓа директно од Вашингтон и за разлика од вообичаените патувања кога посетува повеќе земји во регионот, овој пат ќе дојде само во Македонија и веднаш се враќа дома.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира