ЧУВСТВУВАМ МАЧНИНА БИДЕЈЌИ СУДИИТЕ И ОБВИНИТЕЛИТЕ НЕ ГИ ЗАСЛУЖУВААТ ПЛАТИТЕ ШТО ГИ ЗЕМААТ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ

    ЧУВСТВУВАМ МАЧНИНА БИДЕЈЌИ СУДИИТЕ И ОБВИНИТЕЛИТЕ НЕ ГИ ЗАСЛУЖУВААТ ПЛАТИТЕ ШТО ГИ ЗЕМААТ, ВЕЛИ МИЦКОСКИМицкоски денеска беше на пуштање во употреба на затворениот базен во Општина Штип. (Фото: Влада)

    Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека чувствува некаква мачнина поради платите кои ги земаат судиите и јавните обвинители, велејќи дека тие не ги заслужуваат ниту сегашните примања со оглед на нивните резултати и нискиот рејтинг од само 2% во јавноста.

    Мицкоски одговараше на новинарско прашање на настан во Штип, во врска со вчерашната пресуда за докторка од Онкологија, која беше осудена на две години условно откако призна вина за несовесно лекување.

    „Секогаш чувствувам некаква мачнина бидејќи тие и овие плати сега што ги земаат, не ги заслужуваат имајќи ги предвид ваквите судски одлуки“, рече Мицкоски.

    Тој рече дека суштината на шесте закони кои се дел од реформите во правосудството е барањето за зголемување на буџетот за судовите на 0,8% од БДП и за обвинителите на 0,5% од БДП, што директно би довело до уште повисоки плати.

    „Сакам граѓаните да знаат дека сите оние таканаречени експерти кога излегуваат во јавноста и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во обвинителството и судството, ова е суштинската реформа. Барањето е за буџет што е два до три пати повеќе од некои земји членки на ЕУ. Не е проблем, ние ќе ги зголемиме и три пати, ама да ги заслужат. Јас имам дилема дали и овие плати тие ги заслужуваат“, додаде премиерот.

    Од Здружението на судии на РСМ реагираа на изјавата на премиерот, укажуваји дека основно правно начело согласно домашните и меѓународните правни стандарди е да не се коментира неправосилна судска одлука, се со цел да не се влијае на понатамошната судска постапка и одлучување на повисок степен.

    „Заради тоа и во овој случај, иако како судство сме прозвани за донесената неправосилна пресуда за предметот познат како ‘Онкологија’ – донесена врз основа на признание на вина, Здружението на судии на РСМ, ќе ги почитува правните стандарди и нема да даде свој коментар. По однос ‘вечната тема’ платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број на судии во Основните судови во РСМ, со фамозното ‘зголемување’ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко“, вели Здружението на судии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира