За незаконската набавка на „мерцедесот“ од 600.000 евра со пари на полицијата, поранешниот премиер Никола Груевски никогаш нема да лежи затвор. Денеска таа казна му застаре.
Одлежа Гордана Јанкулоска, а Ѓоко Поповски уште е во „Идризово“ за истата незаконска јавна набавка.
Упатниот акт за во затвор по изречената двегодишна затворска казна токму за „мерцедесот“, беше итната причина Груевски да избега од Македонија на 8 ноември 2018. Набргу доби азил од унгарските власти, сè уште актуелни пријатели на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, и тој уште е таму.
Последен пат Министерството за правда за Груевски побарало екстрадиција во 2019, за сите случаи за кои се водеа против него и за кои беше распишана меѓународна потерница.
„За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција од 20.11.2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница. Република Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон, лицето не може да биде предадено на државата од која избегал“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Министерството за правда.
На прашање зошто почесто не се бара екстрадиција, со оглед на тоа дека за половината дела го амнестираа донесените измени во Кривичниот законик, Министерството за правда одговори дека тоа би било бесполезно.
„Друго барање за екстрадиција немаме поднесено затоа што би било беспредметно. Сè додека некое лице ужива азил, унгарските власти екстрадицијата ја одбиваат. Состојбата внимателно се следи и кога ќе се создадат услови секако дека ќе поднесеме ново барање, што впрочем е исто како за секој предмет за екстрадиција“, ни рекоа надлежните во Министерството за правда.
Груевски се бара за „Титаник“, за „Плацевите на Водно“, „Талир 1“ и „Талир 2“, за кои не можеше да се спаси со срамните измени во Кривичниот законик, со кои се укина кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата.
С. К. ДЕЛЕВСКА