ДОЈДОА НА СУДЕЊЕ 13-ТЕ ПОЛИЦАЈЦИ КОИ МОЖЕЛЕ, А НЕ ЈА СПРЕЧИЛЕ ПИРОТЕХНИКАТА ВО „ПУЛС” КОЈА ГО ЗАПАЛИ ПЛАФОНОТ

    ДОЈДОА НА СУДЕЊЕ 13-ТЕ ПОЛИЦАЈЦИ КОИ МОЖЕЛЕ, А НЕ ЈА СПРЕЧИЛЕ ПИРОТЕХНИКАТА ВО „ПУЛС” КОЈА ГО ЗАПАЛИ ПЛАФОНОТСпоред обвинението, полицајците не направиле „процена и управување со ризик“, како што им налагаат стандардните оперативни процедури кога постои ризик по јавниот ред и мир и каде што има поголемо учество на полицијата. (Фото: СДК.МК)

    Тринаесетте полицајци, кои не ја спречиле и сопреле пиротехниката во преполното кочанско диско „Пулс” на 16 март лани, а од кои 9-мина поминале внатре само десет минути пред да се случи катастрофалниот пожар со 63 жртви и над 230 повредени, седнаа денеска на обвинителна клупа во Кривичниот суд во одделот за  организиран криминал.

    Во оваа трета и најголема група полициски службени лица што ги обвини обвинителката Ивана Трајчева, се: Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.

    Обвинителството овие 13 полицајци ги товари затоа што не постапиле според усвоениот план за акциска контрола во дискотеката на 16 март 2025.

    Планот бил одобрен два дена пред да се случи трагедијата на 14 март, без да се спроведат сите неопходни проверки кои се во надлежност на МВР. Двајца од обвинетите планот го изготвиле врз основа на претходно изготвени планови, без да изменат каква било точка што би била во корист и ефикасност при постапувањето.

    Полицајци од Пробиштип и Кочани биле испратени во 2 часот по полноќ да направат акциска контрола, а други обвинети не им дале конкретни насоки како да постапуваат внатре во кабарето „Пулс”.

    Тие, заедно со нивниот колега полицаец што почина во пожарот, Тоше Тодоровски, се обвинети дека не презеле мерки да ги откријат прекршоците и другите кривични дела за кои е надлежна полицијата. Со други зборови, не го спречиле активирањето на пиротехниката во моментот кога ја вршеле контролата.

    Според обвинението, полицајците не направиле „процена и управување со ризик“, како што им налагаат стандардните оперативни процедури кога постои ризик по јавниот ред и мир и каде што има поголемо учество на полицијата.

    На смртноста значително влијаела токму „преполнетоста на објектот со посетители кои пробувале да излезат со масовно туркање, што резултирало со паѓање на посетителите во ходникот“.

    Обвинетите полицајци, како што пишува во обвинителниот акт, не презеле ништо со што би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните во дискотеката, со што придонеле да загинат 63 луѓе, а над 230 да добијат тешки, животозагрозувачки и до ден денеска болни повреди, како и полесни повреди. Тие се обвинети за Тешки дела против општата сигурност по чл. 292 ст. 2 в.в со чл. 288 ст.3 в.в со ст.2 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.

    Судeњето на барање на еден од адвокатите на обвинетите, денеска се одложи, но претходно, судијката Фанка Јанчулева ги заврши сите формалности за да се оди на подготвително рочиште за да може непречено да се одржи следното рочиште.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира