ЕДЕН ИНСПЕКТОР ГО КОНТРОЛИРА ГРАДЕЊЕТО ВО ЦЕЛА ДРЖАВА И ТОЈ ИСПОЛНУВА УСЛОВ ЗА ПЕНЗИЈА, ПРЕДУПРЕДИ ДЗР

    ЕДЕН ИНСПЕКТОР ГО КОНТРОЛИРА ГРАДЕЊЕТО ВО ЦЕЛА ДРЖАВА И ТОЈ ИСПОЛНУВА УСЛОВ ЗА ПЕНЗИЈА, ПРЕДУПРЕДИ ДЗРРевизијата предупредува дека со неговото повлекување, ДИГУ ќе остане без ниту еден градежен инспектор и без можност да ги извршува своите основни законски надлежности. (Фото: СДК.МК)

    Државниот завод за ревизија утврди низа неправилности во работењето на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) за 2024 година, поради што е изразено мислење со резерва за финансиските извештаи и за усогласеноста со законите. Во конечниот извештај, ревизорите наведуваат дека институцијата се соочува со сериозен дефицит на кадар, што директно влијае врз контролата на теренот. Во Одделението за инспекциски надзор во урбанизмот се пополнети само две од осумте места за инспектори, иако законските критериуми предвидуваат нивно присуство во сите региони во државата.

    Уште покритична е состојбата во секторот за градежништво. Во моментот на вршење на ревизијата, инспекцискиот надзор го извршувал само еден инспектор кој на крајот на 2025 година се стекнал со право на старосна пензија. Ревизијата предупредува дека со неговото повлекување, ДИГУ ќе остане без ниту еден градежен инспектор и без можност да ги извршува своите основни законски надлежности.

    Извештајот открива слабости и кај внатрешните контроли и евиденцијата на имотот. За дел од деловниот простор од 408 метри квадратни што го користи Инспекторатот воопшто не била извршена проценка на пазарната вредност. Пописните листи за 2024 година биле непополнети и непотпишани, а ревизорите не нашле докази за правната основа на дел од искажаните обврски.

    Проблеми се лоцирани и кај пресметката на платите и контролата на работното време. Иако била набавена опрема за електронска евиденција, таа се користела само два месеци кон крајот на 2024 година и не давала точни податоци за присуството на вработените. Ревизорите наведуваат дека поради ова нема доказ дека платите се исплаќале за реално одработени часови.

    Во делот за управување со институцијата, ревизијата забележува дека од 2018 година досега Владата не именувала директор со полн мандат преку јавен оглас. Наместо тоа, со години се именуваат вршители на должност за периоди подолги од дозволените шест месеци, со што се создава ризик раководењето да го вршат лица кои не ги исполнуваат законските услови за оваа функција. Поради законски измени, ДИГУ веќе го загуби статусот на правно лице и од минатата година функционира како орган во состав на Министерството за транспорт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира