Поради поплави од обилните врнежи од дожд, евакуирани се околу 180 лица во Кичево, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“, соопшти Центарот за управуавање со кризи (ЦУК) за состојбата по обилните врнежи од дожд до 12:30 часот.
Во текот на ноќта, обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на Зајашка Река на улица Прилепска во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Регистрирано е и заезерување на улицата 29 Ноември во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Во 10 часот раководителот на Регионалниот ЦУК – Кичево одржа состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош. Според досегашните информации, нема животнозагрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи“, велат од ЦУК.
За состојбата во Скопскиот Регион, од ЦУК велат дека во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани. Пријавени се поплавени дворни места во село Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во село Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во село Зелениково (Општина Зелениково), поплавено дворно место во населба Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Од ЦУК соопштија дека директорот Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, и Зекерија Бериша, се на терен во Општина Сарај, поточно кај селата Буковиќ и Семениште, каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.
По пријавите за поплавени куќи, Центарот за управување со кризи веднаш ги активираше сите надлежни служби и обезбеди целосна координација на терен. Екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека скопското ЈП „Водовод и канализација“ стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекција за заштита и спасување ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури. Со координирано дејствување на сите институции, се преземаат интензивни мерки за најбрзо можно санирање на последиците, заштита на населението и минимизирање на материјалната штета. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира, велат од ЦУК.
Преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово -село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК Тетово, ЈКП „Тетово“ и полицијата. Од 07:45 часот на патот Тетово-Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Во Гостивар и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во село Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка. За случајот веднаш се известени Територијалната противпожарна единца Гостивар и ОВР Гостивар.
„Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот. Претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата“, велат од ЦУК.
Б. НЕСТОРОСКА



