Повеќе од 10 години е затворена за јавност Галеријата на икони во Музејот на Македонија. Kолекцијата на икони во Музејот e една од најбројните од овој вид во државата. Според текстот на кустосот Татјана Трајковиќ објавен на интернет страницата на Музејот, колекцијата содржи повеќе од 500 икони и резба во дрво, најтипични и репрезентативни примероци од византискиот и поствизантскиот период, почнувајќи од 14. век па сѐ до средината на 20. век. Такви примери се иконите „Исус Христос Спасител и Животодавец“ од 1394 насликана од митрополитот Јован и „Свeта Богородица Пелагонитиса“ од 1422 насликана од неговиот брат, монахот Макариј, икони кои припаѓале на иконостасот во прилепскиот манастир Зрзе.
Директорот на Музејот, Александар Ристевски, кој е шест месеци на функцијата, вели дека во одреден период иконите биле тргнати. Се чуваат во депото на Музејот.
„Не располагам со непосредни сознанија за околностите под кои била отстранета колекцијата, бидејќи во тој период не бев дел од институцијата, туку дојдов од друга установа. Според информациите со кои располагам, колекцијата била дислоцирана поради потребата од реновирање и реконструкција на просторот. Во претстојниот период, во координација со Министерството за култура и туризам, ќе ги разгледаме можностите за повторно изложување на колекцијата. Имајќи ги предвид обемот на потребните инфраструктурни зафати и фактот дека целосната реконструкција на објектот бара значителни финансиски средства, ќе настојуваме да изнајдеме соодветно и одржливо решение. Во таа насока, ќе ги разгледаме можностите за обезбедување финансиска и стручна поддршка преку Министерството, како и преку соработка со приватниот сектор“, вели Ристевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Kолекцијата на икони во Музејот e една од најбројните од овој вид во државата. (Фото: Музеј на Македонија)
Една од опциите е адаптација на просторот на локацијата каде што колекцијата беше изложувана со години, а друга е уредување соодветен простор на едно ниво подолу. При изборот на решението, особено внимание ќе се посвети на обезбедувањето соодветни термички, микроклиматски и други услови за чување и изложување, во согласност со стручните стандарди и критериуми за заштита на културното наследство.
„Станува збор за исклучително значајна и вредна колекција, која претставува една од препознатливите културни атракции на нашата земја и за која постои интерес и кај странските посетители. Нашата колекција се вбројува меѓу најзначајните збирки од овој вид во светот, заедно со оние во Санкт Петербург и Египет, особено поради староста, автентичноста, квалитетот и репрезентативноста на православните икони што ги поседува. Повторното ставање на колекцијата во функција и нејзиното соодветно претставување пред домашната и меѓународната јавност претставуваат една од приоритетните активности на кои ќе работиме во наредниот период“, ни рече Ристевски.
Според текстот на Трајковиќ, во колекцијата на икони, од поствизантискиот период постои група на дела од 1535 кои потекнуваат од манастирот Слепче во Демир Хисар, сликани во ателјето на зографот Јован од Грамоста во Костур.
Колекцијата исто така содржи и репрезентативни примероци од иконостасни крстови од 16. век, како што се крстот од Слепчанскиот манастир насликан во ателјето на зографот Онуфриј од Аргос и крстот од Полошкиот манастир од 1584.
Има голем број икони од анонимни зографи кои потекнуваат од Нерези, Охрид, Курбиново, Струга и други области, икони од манастирот Лесново во Злетово од 1626. Тематска реткост кај иконите од овој период е претставата за последните Давидови псалми, како што е примерот на иконата од манастирот „Свети Архангели“ во Кучевиште. Иконите од 18. век се претставени со дела на анонимни мајстори, но и со икони од ателјеата на познати иконописци како Давид од Селеница или браќата Константин и Атанас, зографи од Корча.
Најзначајните икони од почетокот на 19. век се оние на зографите јереј Петар, Крсте од Велес, Крсте Поп Трајановиќ, монахот Антониј од Битола и други. Највпечатливо лице од средината на векот е зографот Димитар Крстевич-Дичо од Тресонче. Зачуван е скромен број на примероци од популарната графичка уметност од поранешниот црковен музеј од 17. и 18. век. Во колекцијата се чуваат и примероци од антимиси, четириаголно платно од лен или свила со претставено погребение на Исус Христос, кое е задолжителен елемент за служење на божествена литургија во источното православие, најстариот датира од 1780, а најновиот од 1915 година.
Б. НЕСТОРОСКА



