Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Независни за Карпош“, како и здружението „О2 Иницијатива“ поднесоа до Собранието 20 барања кои како амандмани ќе бидат внесени во новиот Закон за локална самоуправа, кој влезе во собраниска процедура. Како што кажаа на денешната прес-конференција од граѓанските иницијативи, нивните барања ќе овозможат поголема транспарентност на Општините и ќе ги надминат проблемите со кои се соочуваат изминативе години како членови на Советите.
„Ние овие предлози ги предложивме преку Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР), но ниту еден не беше прифатен. Затоа ги доставуваме до Собранието за да бидат вметнати како амандмани при второто читање на законот. Како граѓани, изминативе години бевме во Советите на дел од Општините и се соочивме со одредени проблеми и затоа сметаме дека тие пречки треба да се отстранат со новиот закон. Барањата се однесуваат на транспарентност односно за податоци кои треба да бидат поставени на веб страните, а сега во дел од Општините ги нема. Советниците не добиваат информации од градоначалникот и службите, а тие ни се потребни за работата“, вели Невена Георгиевска, советничка во Општина Карпош од „Независни за Карпош“.
Граѓанските иницијативи бараат со новиот закон да се предвиди и рок во кој треба да биде одговорено на барањата на граѓаните и прекршочни одредби доколку тој рок не се почитува. Исто така, се бара да се оневозможи градоначалник да носи Детален урбанистички план ако Советот на Општината е распуштен.
„Овие измени се со една цел, да можат сите граѓани да се вклучат во работата на Советите, преку транспарентност на Општините“, вели Татјана Стојановска од „Независни за Карпош“ и советничка во Општина Карпош.
Со новиот Закон за локална самоуправа се предвидува можност за отповикување на градоначалник, како и воведување комунална полиција.
На Локалните избори во 2021 учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини, кои вкупно собраа 56 илјади гласови, со што излегоа како четврта политичка сила.
Во Општина Центар, граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ доби четири советнички места, во Општина Карпош, „Независни за Карпош“ имаат двајца советници, во Општина Битола, независната група „Поинаку“ е присутна со тројца советници, а во Град Скопје, двајца советници има „Зелен хуман град“.
Нетранспарентноста, партиските вработувања и корупцијата, особено во делот на урбанизмот, беа главен мотив на овие граѓански иницијативи да преземат одговорност и да се спротивстават на партиските кадри, кои само се менуваат, но праксите на лошо владеење остануваат.
Но, на крајот од советничкиот мандат велат дека битката оди тешко, Општините продолжуваат со нивната нетранспарентност во работата и трошењето на народните пари, а во нив гледаат непријатели само за тоа што бараат отчетност во работењето.
А. АНТЕВСКА